Регион
Во Бугарија 104 нови случаи на заразени во последните 24 часа

Бугарија регистрира 104 нови случаи на Ковид-19 во последните 24 часа. Со тоа, Бугарија бележи највисока бројка на новозаразени во едно деноноќие од почетокот на епидемијата наваму, јавуваат бугарските медуми.
Претходно, најмногу новодијагностицирани во 24 часа имаше во април, кога беа забележани 90 нови случаи на коронавирус.
Пред неколку дена, бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека во случај на над 100 новозаразени во 24 часа, во Бугарија ќе се вратат рестриктивните мерки. Главниот санитарен инспектор Ангел Кунчев потоа дообјасни дека критериумот на Кризниот штаб е всушност враќање на рестрикциите само ако тенденцијата на 100 новозаразени во 24 часа се задржи три дена по ред.
„Критериумот се однесува на три дена, бидејќи може да се случи во одреден ден да наидете на жариште, некаков работен колектив или село, што може нагло да ги крене бројките. Ако, сепак, тоа е тенденција и таа се задржи, тоа веќе навистина е сигнал дека е време да вратиме некои од рестриктивните мерки“, објасни Кунчев.
Борисов, денеска, уверува дека ситуацијата е под контрола. Тој повика граѓаните да останат спокојни и порача дека новиот пораст на заразените е во рамките на разумниот ризик, додавајќи дека во моментов вирусот не е толку „свиреп“, многумина го прележуваат релативно лесно и има многу повеќе оздравени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора во железнички хаос, штрајкот на диспечерите го блокираше сообраќајот

Железничкиот сообраќај во Црна Гора е целосно во прекин поради штрајк на диспечерите на возови, кои бараат зголемување на платите. Прекинот започна вчера, кога меѓународниот воз од Белград пристигна на перонот во Подгорица, но остана таму без да продолжи. Патниците беа префрлени во автобуси, додека најголем проблем се создаде за оние чии автомобили останаа во вагоните.
Од Железничката инфраструктура на Црна Гора (ЖИЦГ) реагираа остро, нарекувајќи го штрајкот „саботажа“ и најавија кривична одговорност за дел од учесниците.
„Подготвени сме за дијалог со работниците, но не и за уцени“, соопшти раководството, додавајќи дека преговори за повисоки плати веќе се водат со репрезентативните синдикати.
Министерството за транспорт на Црна Гора исто така изрази загриженост, особено поради информациите дека одредени малцински акционери стојат зад организацијата на штрајкот.
„Очекуваме надлежните органи, пред сè Државното обвинителство, да ги истражат сите наводи и да утврдат кој е одговорен за настанот и за материјалната штета што е предизвикана“, стои во соопштението од министерството.
Во меѓувреме, патниците остануваат во неизвесност, а железничкиот сообраќај е блокиран сè додека не се најде решение меѓу управата и диспечерите.
Регион
Додик: Ќе се повлечам од политиката 10 години под еден услов

Милорад Додик, на кој Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска врз основа на конечна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, понуди да се повлече од функцијата во парламентот на РС на десет години под услов претставниците да ја поддржат одлуката за распишување на претседателските избори од страна на ентитетската изборна комисија, а не од Централната изборна комисија.
„Предлагам претседателот на ентитетската изборна комисија да биде од СДС или ПДП. Но, вие нема да го направите тоа. Вие сакате Централната изборна комисија да ги брои гласовите“, рече Додик.
Тој тврди дека Централната изборна комисија нема овластување да распишува предвремени избори или да му го одземе мандатот: „Централната изборна комисија не може да распишува избори, тоа може да го направи само ентитетската изборна комисија. Нема да добиете нов претседател ако Централната изборна комисија распише избори“, рече Додик.
Тој ја отфрли пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, тврдејќи дека станува збор за политички прогон поради неговото противење на префрлањето на државниот имот на ниво на Босна и Херцеговина. Тој ја обвини меѓународната заедница и дел од бошњачката политичка елита дека го оспоруваат Уставот на РС, а опозицијата дека работи против интересите на ентитетот.
Тој уште еднаш го оспори легитимитетот на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и неговите таканаречени бонски овластувања, врз основа на кои беше осуден. „Ние го внесовме нашиот суверенитет во Босна и Херцеговина, имавме своја држава. Милорад Додик не е РС, но Додик е претседател на РС“, рече Додик, нарекувајќи го Дејтонскиот договор „измама за српскиот народ“.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Вучиќ објави снимка, им даде понуда на студентите, доби веднаш одговор

Српскиот претседател Александар Вучиќ им се обрати на студентите кои речиси осум месеци протестираат против неговиот режим и ги покани нивните претставници на јавна ТВ дебата.
„Предлагам разговор и дебата на сите наши телевизии и портали, со легитимни претставници што тие ќе ги изберат. Подготвен сум да влезам во дијалог, дебата јавно, со тројца или четворица кои размислуваат поинаку. Тие имаат право да го бараат ова од својот претседател, вклучувајќи избори и сè друго“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека целта не е да се победи во дебатата, туку да се најде решение заедно: „Време е секој од нас да си ги покаже своите лица, да се покажат нашите лица и програми. Сакам борба за визии, борба за иднината, да го решиме ова преку дијалог и разговор, без конфликти и насилство. Да ја обновиме земјата и да ја вратиме на вистинскиот пат. Ќе се потрудам да покажам тоа почитување“, напиша тој на Инстаграм.
Можда кад распишеш изборе!@avucic pic.twitter.com/cNZE2Ko6LR
— Poljoprivredni blokada (@agrifblokira) August 22, 2025
Реакцијата на студентите дојде брзо. Студентите на Земјоделскиот факултет во Белград накратко твитнаа: „Можеби кога ќе распишете избори!“
Predsednik nas je pozvao na javnu debatu. Očigledno da nema odgovor na narodni bunt, pa bi sad i da razgovara sa nama koje mesecima naziva teroristima. O vizijama i programima za budućnost ćemo debatovati, u predizbornoj kampanji, kad raspiše izbore.
— Filozofi u Blokadi (@FFUBublokadi) August 22, 2025
Студентите од Филозофскиот факултет, исто така, се изјаснија: „Претседателот нè покани на јавна дебата. Очигледно, тој нема одговор на народното востание, па сега би разговарал со нас, кои со месеци ги нарекува терористи. Ќе дебатираме за визиите и програмите за иднината во изборната кампања, кога ќе распише избори.“
фото: принтскрин