Македонија
Вкупнo 28 години затвор за македонскиот државјанин и тројцата Пакистанци, кои мачеа мигранти во куќа во Кумановско

По одржаната главна расправа, на која беа изведени материјални и вербални докази, во Основниот кривичен суд – Скопје е објавена пресуда, со која четири лица се огласени за виновни дека како соизвршители сториле кривично дело шверцување мигранти по мачењето мигранти во куќа во селото Ваксинце, Кумановско.
Првообвинетиот Б. А. (45), македонски државјанин, по признавање на вина на главната расправа, е огласен за виновен и судот му изрече казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а на тројцата државјани на Пакистан – Ш. Р. (40), М. Х. (28) и А. Р. (23) – им се изречени затворски казни во траење по 8 години.
Постапката против обвинетите почна по добиена информација од страна на органите на Р. Србија, кои добиле пријава од пријател на две жртви. Вечерта, на 1.11.2019 година, околу 22 часот, беше спроведена полициска акција и при претрес на куќата на Б. А. беа пронајдени дванаесет мигранти, меѓу кои и две малолетни лица.
Во истражната постапка надлежниот обвинител утврди дека во периодот од средината на октомври 2019 година до 0.11.2019 година, во с. Ваксинце Кумановско-липковскиот Регион, четворицата обвинети заедно и по предходен договор прифатиле и засолниле мигранти по потекло од Индија, Авганистан, Пакистан и други земји од Азија. Со намера да стекнат материјална корист за себе и за Б. А., обвинетите Ш. Р., М. Х. и А. Р. постапувале особено понижувачки и сурово кон мигрантите, присилно држејќи ги мигрантите спротивно на нивната волја во дел од куќата сопственост на обвинетиот Б. А.. Жртвите добивале еден оброк дневно, биле физички малтретирани, а поради пластичните црни кеси залепени на прозорците, го изгубиле чувството за време и не знаеле дали е ден или ноќ. Во таква состојба на дезориентираност, чувство на глад и страв, жртвите биле тепани со црево од страна на обвинетите Ш. Р. и А. Р., кои потоа на мигрантите им ставале нож под грлото држејќи ги од зад грб и им се заканувале дека ќе ги убијат ако не платат или нема да им дозволат да продолжат по мигрантската рута. Ваквите настани обвинетиот М. Х. ги снимал со телефон, а потоа видеоклиповите ги испраќал на роднините на мигрантите укажувајќи им дека доколку не им испратат пари, нивните роднини ќе бидат убиени или нема да им дозволат да ја напуштат куќата. Роднините на мигрантите биле присилени по пат на хавала-систем да ги испратат бараните средства што мигрантите му ги давале на рака на обвинетиот М. Х. Доколку договорените износи не биле навремено испратени, обвинетите Ш. Р., М. Х.и А. Р. ги тепале мигрантите со црево, а малолетните жртви ги присилувале и да чистат.
Обвинителството во текот на расправата докажа дека на овој начин биле оштетени: мигрант од Авганистан, кој веднаш по пристигнувањето во куќата, платил 120 евра, колку што имал во моментот, а дополнително платил уште 700 евра, што му биле испратени од роднините, двајца мигранти од Индија, кои кога пристигнале во куќата, платиле 700 евра и 600 евра, а по пет дена престој, исплашените роднини ветиле дека ќе испратат уште по 1.000 евра, но парите не пристигнале до 1.11.2019 година кога обвинетите се приведени, двајца мигранти од Индија, веднаш по пристигнувањето, дале по 1.000 евра, но обвинетите им побарале да доплатат уште по 1.300 евра, на што се согласиле нивните семејства, но парите не пристигнале, мигрант од Авганистан платил 1.000 евра, што му ги испратиле роднините, мигрант од Индија платил 500 евра, а малолетен мигрант од Авганистан, и покрај тоа што на обвинетите им дал 700 евра, што ги испратил вујко му, бил задржан наредните 10 дена со цел да плати уште 500 евра, кои не пристигнале до 1.11.2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коњановски потрошил милиони без ниту еден капитален проект, рече Куновски од СДСМ

Кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ, Методија Куновски, на денешната прес-конференција изјави дека доаѓа крајот на, како што ја нарече, „четиригодишната ера на разочарувања и промашувања на актуелниот градоначалник Тони Коњановски“.
„Битола заслужува градоначалник кој нема да работи за тебе, за мене, за мала група луѓе или за партијата, туку за сите граѓани. Човекот мора да биде пред сè“, рече Куновски.
Тој го обвини Коњановски за недомаќинско и хаотично работење, со бројни раскопани и нефункционални улици, долгови на јавните претпријатија и нереализирани капитални проекти.
„Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а ниту една нова машина не е набавена. Укинати се бесплатните 15 минути паркинг, а нови паркинг-места нема. Наместо спортски комплекс, нови кружни текови или училишта, добивме импровизиран кружен тек кај Стрелиште и сообраќаен хаос“, нагласи Куновски.
Кандидатот од СДСМ истакна и дека сметките на училиштата должат скоро 50 милиони денари, а некои објекти се затворени поради прокиснување на крововите.
„Жителите на повисоките делови од Битола секој втор ден немаат вода, а цената за водоснабдување е зголемена. Градинки нема за Бистрица и околните села, а градот е преполн со бездомни кучиња“, додаде тој.
Куновски го обвини Коњановски и за расфрлање со јавни пари.
„Немаше средства за ранливите категории семејства, а потроши повеќе од 4 милиони денари за кафеани и 10 милиони денари за нови возила од фирма блиска на министерот за надворешни работи“, рече Куновски.
Во своето обраќање тој порача дека битолчани ќе стават крај на ваквото владеење.
„После четири години застој и скандали, Битола ќе избере одговорна, отчетна и транспарентна локална власт“, заклучи Куновски.
Скопје
Османи: Чаир ќе стане центар на технологија, култура и младински идеи

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите од општината ја претстави својата визија за „Новиот Чаир“, посветена на урбана преродба и создавање општина на иднината.
„Не можете да дизајнирате визија за Чаир без да ги вклучите младите кои сочинуваат речиси половина од населението. Тие се нашата најголема сила и највреден капитал“, истакна Османи.
Во рамки на својата програма, тој најави изградба на мултифункционален центар на плоштадот „Скендербег“, кој ќе вклучува дигитална и иновациска лабораторија, современа библиотека и културен центар за младинските уметнички и музички групи.
Според него, овој комплекс ќе биде „срцето на визијата за Новиот Чаир и симбол на урбаната преродба на општината“.
Програмата предвидува и општински стипендии за најдобрите студенти, создавање Фонд за иновации, како и Младински совет на Чаир, кој ќе управува со 5% од општинскиот буџет. Преку проектот „Таленти на Чаир“ најдобрите студенти ќе добијат можност за директно вработување во општинската администрација.
Османи вети и подобрување на јавните простори преку реновирање на парковите, воведување бесплатен интернет во јавните зони и организирање бесплатни обуки за дигитални вештини, програмирање и користење вештачка интелигенција.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од жителите се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да изградиме општина на иднината“, порача Османи.
Македонија
329 медиуми ќе им бидат на располагање на кандидатите за рекламирање

На претстојните локални избори, кандидатите ќе можат да се рекламираат на вкупно 329 медиуми во земјата, потврди Државната изборна комисија (ДИК).
Од пристигнатите 352 барања за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми и интернет портали, позитивен одговор добија 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.
„Барањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали, беа отфрлени како неуредни или ненавремено доставени. Дополнително, два ценовници беа доставени без соодветно барање и истите се отфрлени“, изјави членот на ДИК, Светлана Карапетрова, на 131 седница.
Во ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Буџетот за локалните избори во 2025 година изнесува 9,76 милиони евра, од кои две третини се наменети токму за медиумите и политичките реклами.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември. Граѓаните ќе избираат градоначалници и советници во 80 општини и во Град Скопје.