Македонија
Реакција од Централен регистар по изјавата на Нури Бајрами за ИВЗ
По однос на денешната изјавата на Нури Бајрами од ДКСК поврзана со незаконитости и злоупотреба на финансиски средства на ИВЗ, меѓу другото беше наведено недоставување основен извештај и годишна сметка на ИВЗ во Централен регистар на Република Северна Македонија.
По тој повод, од Централниот регистер информираат дека основниот регистар на Верски заедници, црква, религиозни групи согласно закон го води надлежниот суд.
„ЦР тие податоци меѓу кои и податокот за обликот на верските заедници како непрофитни организации ги презел од судот согласно Закон за едношалтерски систем во 2005 и 2006 година, кога и биле предвидени законските рокови за преносот на податоците и наведеното основањето на ИВЗ е направено со Решение на суд уште пред 2006 година.
Исто така, согласно член 33 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група стои дека:
(1) Црквата, верската заедница и религиозната група самостојно располагаат со стекнатите приходи, во согласност со закон и со прописите на црквата, верската заедница и религиозната група.
(2) Финансирањето на црквата, верската заедница и религиозната група, како и трошењето на финансиските средства е според регулативата за непрофитните организации и организациите од јавен интерес.
Согласно член 18 од Закон за сметководство на непрофитни организации, непрофитните организации чија што вкупна вредност на имотот или годишниот приход е помал од 2.500 евра во денарска противвредност не се обврзани да составуваат финансиски извештаи и да ги доставуваат во Централен регистар во согласност со одредбите на овој закон.
Тие непрофитни организации се должни да ја водат најмалку книгата за благајната и книгата на приходи и расходи.
Токму поради тоа што согласно Закон за сметководство на непрофитни организации не е задолжително доставувањето на финансиските извештаи, ЦР не поведувал постапки против ниту една верска заедница, црква, религиозни групи .
Од горенаведеното, Централен регистар на Република Северна Македонија не може да знае колкави се нивните приходи кои ги водат во книгите за благајни и книгата на приходи и расходи . Обврската согласно Законот во конкретниов случај е на ИВЗ“, наведе Централниот регистер во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите
Македонија
До крајот на денот претежно облачно, утре со повремен локален дожд во утринските часови, преку денот со сончеви периоди
Времето до крајот на денот ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Утре ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.

