Македонија
(Видео) Костадинов: Дурловски во ек на пандемија купил земјиште во Свети Николе

„Еден од водачите на протестите ‘За заедничка Македонија’ и упадот во Собранието, а денес носител на изборна листа на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Дуроловски, својот наводен патриотизам го покажува со купување на хектари македонска земја. Во Свети Николе, Дурловски заедно со уште пет други лица купиле 12 хектари земјиште“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.
„120.000 квадратни метри земјиште купил фејк патриотот Дурловски заедно со уште 5 други лица. Неодамна во јавноста излегоа информации дека Дурловски заедно со водачите на протестите и крвавиот четврток добиле 200.000 евра за своите активности.
Дали со парите за напад врз пратеници и новинари, денес лажниот патриот Дурловски купува десетици илјади квадрати македонска земја? Дали со парите за крвавиот четврток, денес Дурловски станува земјопоседник? Додека глумат загриженост за граѓаните, функционери на ВМРО-ДПМНЕ купуваат хектари земјиште низ државата.Класично лицемерие на фејкњуз партијата ВМРО-ДПМНЕ. Уште еднаш се потврдува дека и Дурловски и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ мислат само на свои, лични и бизнис интереси и воопшто не се грижат за граѓаните и државата. Таквото нивно незрело, неодговорно и несериозно однесување уште еднаш ќе биде казнето од граѓаните“, додава Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.