Македонија
Сугарески: Градиме станови за 36 социјално ранливи семејства во Виница
„Од држава во која долго време граѓаните беа на последно место, во текот на овие три години, креирајќи социјални мерки за извлекување илјадници семејства од зоната на сиромаштијата, успеавме да создадеме држава во која животот и благосостојбата на граѓаните е врвен приоритет. Оваа година инвестираме преку 3 милиони евра во изградба на социјални згради и градиме 506 станови во 5 општини” – истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работа посета на Виница, каде заедно со директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски и градоначалникот на општина Виница, Ивица Димитров, извршија увид во изградба на социјална зграда.
Проектот е со вредност од преку 1 милион евра и предвидува изградба на зграда со вкупно 36 станбени единици, наменети за социјално ранливите категории на граѓани во општина Виница.
„Покрај крупните капитални проекти што ги работиме насекаде низ државата, максимално сме фокусирани на решавање на статусот на социјално загрозените лица на кои по разни основи не им е решено станбеното прашање. Наша обврска е да создаваме услови за сите овие лица да добијат кров над глава, сигурност и подобри услови за живот. Затоа интензивно работиме на мерки и политики кои значат подобрување на социјалната положба на ранливите категории. Со изградба на оваа зграда, овозможуваме пристоен дом за 36 семејства во Виница. Сакам да истакнам дека оваа година, во соработка со АД за станбен и деловен простор, максимално сме посветени на обезбедување кров над глава на најранливите групи на граѓани и само во моментов градиме преку 500 станови во Неготино, Пробиштип, Бутел, Виница и Свети Николе, додека во меѓувреме активно работиме на подготовка за изградба на нови згради во уште неколку други општини. Граѓаните се наш врвен приоритет и со ваквите политики продолжуваме и во наредниот период“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Министерот Сугарески додаде дека во тек е силна градежна сезона, активно се работи во сите региони на државата и се реализираат преку една милијарда евра капитални инвестиции, а градежната офанзива продолжува и понатаму.
Според директорот на АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски, согласно динамиката на градежните работи, се очекува изградбата на овој социјален станбен објект да заврши и пред предвидениот рок од 18 месеци.
„Изградбата на социјалната зграда во Виница се одвива со силен интензитет. Веќе сме во подготовки да почнеме со реализација на нови проекти од овој вид. Во тек се сите постапки за јавни набавки и очекувам до крајот на месецот да бидат избрани изведувачи за уште 4 до 5 социјални станбени објекти и веднаш потоа да почнат градежните активности за изградба на нови социјални станови. Но не застануваме тука, предвидовме нов пакет на финансиски средства и за година и половина, најдоцна две години, ќе бидат отворени околу 13 нови градилишта каде со силен интензитет ќе се градат нови социјални станбени објекти“ – изјави директорот на АДСДП, Кристијан Трајковски.
Градоначалникот на општина Виница, Ивица Димитров, истакна дека покрај изградбата на социјалната зграда, со поддршка на Министерството за транспорт и врски во општината се реализираат поголем број проекти, како во патната, така и во комуналната инфраструктура, со што во голема мера се подобрува квалитетот на живот на жителите на Виница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Град Скопје најавува системско проширување на „Лајка“: 30 милиони денари за хумано решавање на проблемот со бездомните кучиња
Град Скопје почнува, како што соопштува, сериозен, хуман и системски пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња преку значително проширување на капацитетите на ЈП Лајка.
Од Град Скопје информираат дека по преземањето на функцијата градоначалник, ставен е крај на досегашната практика ЈП „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, при што фокусот е насочен кон вистинско и одговорно справување со проблемот кој, како што се наведува, со години бил игнориран.
Во програмата на градоначалникот, се посочува во соопштението, предвиден е значаен фокус на ова прашање, а обезбедени се 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“ и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Станува збор за, како што се наведува, суштинска промена со цел постигнување конкретни и видливи резултати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека нема да се дозволи Скопје да биде депонија за бездомни кучиња од други градови. Прашањето за нивното несовесно носење во главниот град веќе е отворено со надлежните институции, а со воведувањето на системот „Сејф Сити“ ќе се овозможи идентификација и санкционирање на сите прекршители.
Воедно, градоначалникот упатил апел до граѓаните да бидат активен партнер во овој процес и секоја појава да ја пријавуваат, посочувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостави функционален и одржлив систем за справување со проблемот.
Македонија
Алиу истражува, но се сомнева дека ќе најде податоци за извозот на мозоци: Истечени се сите рокови за архивирање на документите
Стариот закон ги обврзува институциите да ги чуваат документите за извоз на мозоците како биолошки материјал 15 години, а новиот, од 2018 година вели да се чуваат 25 години. И по двата закона роковите се истечени и институциите немаат обврска да ја чуваат документацијата за извозот кој се случил пред 30 години. Вака министерот за здравство Азир Алиу објасни за истрагата која се прави во Министерството за извезените мозоци од починати Македонци со психијатриска дијагноза кои во научни цели биле извезени во САД.
„Јас барам од нашата група да дојде до информации како е тоа направено, како тој материјал стигнал од една земја во друга, тука е нашето. Но, има и втор момент за кој морам да ве информирам, според стариот закон до 2018 година сите материјали, административни документи законски било да се чуваат 15 години. Од 2018 година, според ЕУ директивите, сите документи кои се поврзуваат со таков тип биолошки материјал треба да се чуваат 25 години. Ако земеме и новиот и стариот закон, а се работи за проект пред 30 години, се плашам дека можеби некоја институција може и да ги нема тие документи архивирано“, рече министерот Алиу.
Лично мислење на министерот е дека има мали можности за злоупотреби во целиот процес оти се работи за истражувачки проект меѓу две земји.
„Втората земја е САД каде што има многу јасно дефинирани протоколи кога се работи за биолошки материјал. Прво овој факт треба да го имаме предвид. Вториот факт што мене лично ми дава комодитет дека би имало можеби малку злоупотреби е институцијата од другата страна, се работи за престижен Универзитет. Исто така научникот кој е главен во тој Универзитет е човек кој што е светско име како научник, и лично, тргнувајќи од себе си, не верувам дека таа држава, тој Универзитет или таа лабораторија може да дозволи да има злоупотреби за увоз на биолошки материјал без да има јасно дефинирани протоколи. Ова е мое лично мислење“, рече министерот Алиу.
Македонската јавност дозна дека некогаш од кај нас биле извезувани мозоци од починати лица за научно да се истражуваат откога американското Министерство за правда ги објави документите на починатиот милијардер обвинет за трговија со луѓе, педофилија и силување, Џефри Епстин.
Јавното обвинителство денес извести дека по објавите во медиумите е оформен предмет по допрен глас поради наводите од објавените документи во случајот за Епстин.
Македонија
Одбраната во ера на брза технологија: Македонија дел од глобалната дебата за воена вештачка интелигенција
На покана на министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес, министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше на отворањето на 3. глобален меѓународен самит за вештачка интелигенција во областа на одбраната – REAIM, кој денес и утре се одржува во А Коруња, Шпанија.
Целта на овој Самит на кој учествуваат министри, државни претставници од речиси сите земји членки на ООН, претставници на меѓународни организации, академици, и други високи гости е зајакнување на глобалната свест за одговорен развој на вештачката интелигенција во воен контекст, притоа почитувајќи ги човековите права и меѓународното право.
Во рамки на Самитот, министерот Мисајловски оствари средба со својата колешка Роблес, на која беше истакната заедничката подготвеност за унапредување на билатералната одбранбена соработка и се разговараше за повеќе предлог заеднички активности и изготвување План за соработка меѓу двете земји.
Во оваа прилика министерот Мисајловски се заблагодари за поканата и истакна дека Самитот претставува значајна можност за размена на експертски мислења во доменот на одбраната и безбедноста.
“Технологијата во воената област се развива со огромна брзина и затоа соработката на тоа поле е суштинска во развојот на воените капацитети и способноста на сојузниците да ја гарантираат безбедноста”, рече министерот. Додаде дека поканата за учество е доказ и за одличните билатерални одбранбени односи со Шпанија чие унапредување беше клучна тема на состанокот.
Мисајловски истакна дека нашата земја во ноември 2024 година беше првата земја-кандидат за членство во Унијата од Балканот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ, и додаде дека македонскиот придонес кон регионалната и колективната безбедност со ист интензитет ќе продолжи и во иднина.

