Свет
Трамп, лут на Германија, потврди дека повлекува околу 9.500 американски војници

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека САД ќе го намалат бројот на американски трупи распоредени во Германија на 25.000, што претставува намалување за околу 9.500.
САД сега имаат околу 34.500 војници во Германија, значително помалку отколку за време на Студената војна, кога Германија беше во фокусот на американските напори и на НАТО за да ја обесхрабрат инвазијата на Советскиот Сојуз. Во последните децении Германија беше домаќин на клучните воени објекти на САД и транзитна точка за трупите распоредени на Блискиот Исток.
Обраќајќи се на новинарите, Трамп рече дека Германија не троши доволно пари за одбрана, како што бара НАТО, нарекувајќи го својот долгогодишен сојузник „деликвент“. Имено, Германија не ја постигна целта поставена од сите членки на НАТО во 2014 година, да потроши најмалку два проценти од БДП за одбрана до 2024 година.
„Значи, ние ја заштитуваме Германија и тие се деликвентни. Тоа нема никаква смисла. Па, реков, ние ќе го срушиме бројот на 25.000 војници“, рече Трамп и додаде: „Додека не платат, ние ги отстрануваме нашите трупи, голем број наши војници“.
Трамп истакна дека неговата одлука за повлекување на трупите е казна за Германија затоа што присуството на војниците ја зајакнува нејзината економија.
„Тоа се добро платени војници. Тие живеат во Германија и трошат огромни суми пари во таа земја. Животната средина на овие бази е многу напредна. Значи, Германија зема, а потоа се однесува многу лошо во трговијата со нас“, додаде американскиот претседател.
Неговиот настап е прва официјална потврда за намалувањето на бројот на војниците во Германија, а за што прв известуваше „Волстрит журнал“ на 5 јуни, а подоцна веста е потврдена за „Ројтерс“ од висок американски службеник, кој зборуваше под услов на анонимност.
Објавувањето на плановите на Трамп да повлече 9.500 војници од Германија, која е еден од најголемите сојузници на САД, ги налути германските власти и предизвика загриженост во американскиот Конгрес дека земјата се повлекува од светската сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин до Западот: Купија билет и не патуваа, само за да се налутат на кондуктерот: рускиот енергетски систем работи беспрекорно

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одбивањето на европските земји да се потпираат на руските енергетски ресурси сериозно ја поткопа конкурентноста на нивните економии и доведе до пад на индустриското производство и пораст на цените низ целиот континент.
Зборувајќи на пленарната сесија на Руската недела на енергија во Москва, Путин истакна дека постапките на западните политички елити „ја уништија глобалната енергетска инфраструктура“, нагласувајќи дека политичкиот притисок довел до ирационални одлуки во ЕУ, според западните медиуми.
„Многу европски земји, под политички притисок, одбија да купуваат руски енергетски производи. Веќе неколку пати предупредив за последиците – не за Русија, туку за самите тие земји. Гледаме пад на индустриската активност и пораст на цените поради поскапата нафта и гас од странство“, рече Путин.
Тој додаде дека, по забраната за соработка со Русија, западните компании почнаа да ја губат својата технолошка предност и да го намалуваат производството, додека руските експерти станаа „технолошки лидери“ на пазарот.
„Што направија? Купија билет и не патуваа – само за да се налутат на кондуктерот. Каква глупост.
Нашиот енергетски систем е еден од најголемите во светот. Овој огромен комплекс работи сигурно и ефикасно“, заклучи претседателот на Русија.
Свет
Кремљ: Путин го предупреди Трамп за време на разговорот

Во денешниот телефонски разговор, рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека испраќањето крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина ќе го загрози мировниот процес и ќе им наштети на односите меѓу САД и Русија. Веста беше потврдена од Кремљ во официјално соопштение, пренесуваат медиумите во регионот.
Според Кремљ, Путин изразил загриженост поради можноста напредното американско оружје во рацете на украинските сили да доведе до понатамошна ескалација на конфликтот. Предупредувањето јасно посочи дека таков потег од страна на Вашингтон би имал директни негативни последици врз билатералните односи на двете сили.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека Путин во разговорот нагласил дека руските сили во моментов имаат „целосна стратешка иницијатива“ по целата линија на фронтот во Украина.
Ушаков додаде дека денешниот повик, кој траел речиси два и пол часа, бил инициран од руска страна. Тој, исто така, објави дека на планираниот нов самит меѓу двајцата претседатели ќе му претходи разговор меѓу државниот секретар на САД, Марко Рубио, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој се очекува да се одржи во наредните денови, пренесува index.hr.
Фото: принтскрин
Свет
Орбан по разговорите Трамп-Путин: Голема вест за мирољубивите луѓе, подготвени сме

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наскоро повторно ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а овој пат средбата ќе се одржи во Будимпешта. Двајцата лидери се согласија за нов самит за време на телефонски разговор.
Унгарија е подготвена да биде домаќин на самитот Русија-САД, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Планираната средба меѓу американскиот и рускиот претседател е голема вест за мирољубивите луѓе низ целиот свет. Подготвени сме!“ напиша тој на X.
Трамп и Путин последен пат се сретнаа пред два месеци во Алјаска, но таа средба не донесе конкретен напредок кон мирот во Украина, по што следеше период на дипломатско затишје меѓу Вашингтон и Москва, анализираат медиумите.
Денешниот телефонски повик не беше објавен со денови, за разлика од некои претходни, а аналитичарите истакнуваат дека времето на неговото случување е исклучително значајно. Имено, Трамп утре треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Клучната тема на нивниот разговор ќе биде можното испраќање американски ракети со долг дострел „Томахавк“ во Украина, што би претставувало значително зголемување на воената помош за земјата.
Фото: принтскрин