Македонија
Пратеникот Мухамед Зекири оздраве од коронавирусот
Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, и неговите сопруга и ќерка оздравеа од коронавирусот. Тој објави на „Фејсбук“ дека излегле од болница и дека се живи и здрави.
„Драги пријатели, од срце сакам да се заблагодарам на секој од вас што бевте со нас во најтешките времиња. Вие сте нашата втора фамилија. Посебно се заблагодарувам на докторите и медицинскиот персонал од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Најдлабока благодарност до оние кои се жртвуваат и продолжуваат тоа да го прават секој ден: доктор Илир, доктор Милена, доктор Фадил, доктор Ана од педијатрија, останатиот неуморен тим: Рејхан, Весна, Елена, Кики, Сухејла, Фисник, Изабела, Нуредин, Велимир, Снеже, Марина и многу, многу други кои 24 часа се во служба на пациентите сместени на инфективната клиника“, напиша Зекири.
На оние кои и натаму мислат дека вирусот не постои и сè уште имаат несериозен пристап кон Ковид-19, тој им порача дека е крајно време да се освестат.
„Само со сериозен пристап кон алармантната ситуација низ која поминуваме како општество, со свест и совест, може да се спасат себе, блиските и други недолжни луѓе! Искрено посакувам ниту еден од вас да не мора да помине низ тоа што го поминав јас со моето семејство. Тоа не би му го посакал ниту на мојот најголем непријател! А на душегрижниците кои на мене и мојата фамилија ни посакуваа фатален крај ќе им пожелам Господ барем еднаш во нивниот живот да им даде да се почувствуваат како човек. Господ е голем, благодарение на Него АЛХАМДУЛИЛАХ јас и мојата фамилија сега сме живи и здрави и сме си дома – сите заедно и уште посилни од претходно!“, напиша Зекири.
Тој на 31 мај објави дека тој и неговото семејство, сопругата и тримесечната ќерка се позитивни на Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

