Свет
Москва ги отвори музеите и летните тераси по повеќе од два месеца
Жителите на Москва добија можност повторно да влезат во музеите во градот по повеќе од два месеца и да се вратат на летните тераси бидејќи ширењето на заразата со коронавирус во руската престолнина забавува, иако повеќе од илјада нови случаи сè уште се регистрираат секој ден.
Музеите, библиотеките и зоолошката градина во градот со речиси 13 милиони луѓе ги отворија вратите за посетителите, но со ограничување на нивниот број. Стоматолозите исто така се вратија на работа.
Властите дозволија и спортските натпревари да продолжат, но со ограничување што предвидува дека на трибините можат да бидат максимум 10 проценти од предвидениот број гледачи.
Олеснувањето на рестриктивните мерки воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот во Москва започна минатата недела. На жителите конечно им е дозволено да ги напуштат своите домови и да користат јавен превоз, како и да возат низ градот со лични возила без никакви ограничувања.
Сепак, критичарите ги обвинуваат властите дека премногу брзо ги ублажиле ограничувањата со цел да создадат услови за гласање за реформите, што ќе му овозможат на претседателот Владимир Путин да се кандидира на истата позиција уште двапати по истекувањето на неговиот сегашен мандат.
Гласањето се очекува да се одржи во тек на седум дена и да заврши на 1 јули, но Кремљ ги отфрла обвинувањата од критичарите дека олеснувањето на рестриктивните мерки е политички мотивирано.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека дошло време да се олеснат мерките бидејќи пандемијата постепено завршувала и се намалувал притисокот врз здравствениот систем на градот.
Во Москва се пријавени повеќе од 208.000 случаи на инфекција и повеќе од 3.300 смртни случаи од инфекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија соопшти дека соборила седум украински проектили над Курск
Седум украински проектили и седум беспилотни летала се уништени во текот на ноќта над областа Курск, изјави гувернерот на руската област која граничи со Украина.
„Нашите ловци за противвоздушна одбрана синоќа одбија напад на украинските вооружени сили“, напиша регионалниот гувернер на Курск Алексеј Смирнов на својот канал на Телеграм.
Тој не соопшти повеќе детали.
Руското Министерство за одбрана во утринскиот извештај објави дека се уништени вкупно 23 украински беспилотни летала над руска територија. Министерството во своето соопштение не спомна проектили.
Прорускиот воен аналитичар Роман Аљохин на Телеграм изјави дека Курск во текот на ноќта бил подложен на масовен напад од ракети од странско производство.
„Беше многу гласно и имаше многу (проектили)“, рече тој.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите. Се наведува и дека не е јасно какво оружје користела Украина и дека нема моментален коментар од Украина.
Европа
Путин и Ердоган разговараа
Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган и дискутираше за прашања од билатералната агенда, објавено е на официјалната веб-страница на Кремљ.
„Во продолжение на разговорите во Казан на 23 октомври, детално се расправаше за актуелните прашања од билатералната агенда со акцент на зголемување на ефикасноста на трговско-економската соработка“, се наведува во соопштението.
Се додава дека во врска со ова ќе следат контакти на ниво на надлежни ресорски органи.
Европа
Поранешен украински министер за надворешни работи: Војната нема да заврши кога Трамп ќе ја преземе власта
Поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека не очекува брз крај на војната меѓу Украина и Русија кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата. Во разговорот Кулеба истакна дека има три клучни причини за неговата оценка: решеноста на претседателот Володимир Зеленски да не отстапи под притисок, неподготвеноста на Украина да се согласи на брзо решение и фактот дека клучот за мирот лежи во Москва, а не во Киев.
Според него, решението на конфликтот зависи од тоа што би можел да прифати рускиот претседател Владимир Путин за да постигне прекин на огнот, а не од отстапките од Украина. Кулеба нагласи дека одговорноста за завршување на војната е на страната што ја започнала и дека Украина нема да се согласи на еднострани отстапки.
Во контекст на се поинтензивните борби, вклучително и учеството на севернокорејските војници на страната на Русија и употребата на нови балистички ракети, Кулеба призна дека Украинците се загрижени поради ескалацијата на конфликтот. И покрај тоа, тој нагласи дека Украина нема да прифати решенија кои би го загрозиле нејзиниот суверенитет или територијален интегритет.