Македонија
Владата ја објави листата на одобрени проекти посветени на Ковид-19, тврди дека организациите биле избрани на транспарентен начин
Владата ја објави ранг-листата на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за поддршка на здруженија и фондации на сите апликации наменети за справување со Ковид-19, со кус опис на проектот, како и листата на одобрените проекти, по реакциите во јавноста. од Владата тврат дека 40 граѓански организации во инклузивен и транспарентен процес добиле финансиска поддршка за проекти посветени на Ковид-19.
„Во инклузивен и транспарентен процес Владата со одлука за распределба на финансиски средства обезбеди финансиска поддршка на здруженија и фондации за реализација на мерки за справување со КОВИД-19. На овој начин се доделија средства за реализација на 40 проекти на здруженија и фондации, во вкупна вредност од 29.519.495 денари.
Комисијата за распределба на финансиските средства ја сочинуваат пет членови кои доаѓаат од Владата, односно Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација (претседател), Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика, Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Арбер Адеми, министер за образование и наука и Драги Рашковски, генерален секретар на Владата.
Дополнително, со цел зголемување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на процесот на распределба, во составот на Комисијата се именувани и два члена на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, односно Уранија Пировска и Јане Чаловски.На овој начин, за првпат во Комисијата членови од граѓанскиот сектор имаа рамноправна улога и еднаква позиција во носењето на одлука за избор проектите кои беа финансиски поддржани.Овие членови, беа избрани на предлог на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор.
Комисијата формираше Оперативно тело во кое членуваат претставници од институциите чии раководители се дел од Комисијата, кои се задолжени за оценување на апликациите. Имајќи го предвид големиот број на пристигнати апликации – 549, од една страна, и кратките рокови од друга, во секоја од овие институции беа ангажирани дополнително уште дваесеттина лица кои помагаа при оценувањето.Комисијата за распределба на финансиски средства, иако свесна за кратките рокови, сепак поради потребата да му се помогне на граѓанскиот сектор и да се поддржат проекти кои придонесуваат за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19, одлучи да го објави повикот. Внимателно беа избрани областите во кои се изработени проектите, со цел да се помогне на најпогодените и ранливи категории на граѓани. Другата опција беше воопшто да не обезбедеше помош.Праксата на поддршка на работата на граѓанските организации ќе продолжи и по завршување на пандемијата, во области кои се од важност за сите категории на граѓани“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.

