Македонија
Приказната за чантата „Луј Витон“ добива разрешница – Денеска пресуда за случајот „Рекет“
Денеска ќе се знае дали Катица Јанева и Бојан Јовановски се виновни или не и дали тргувале за личен бенефит во случајот „Рекет“. Помина речиси една година, а фамозните еден и пол милион евра уредно спакувани во чантатата „Луј Витон“ не се знае каде точно завршиле.
Првично, стануваше збор за шпекулации – почна од Кики, Фрики и Коки, а потоа во јавоста одекна снимка, кон почетокот на август минатата година – стотици илјади евра наредени на маса во „Луј Витон“ чанта, но и Јовановски и Зоран Милески-Кичеец, како си одат од домот на бизнисменот Камчев со чантата во раце.
„Ќе биде сè во ред“. Ова се слушна во вториот сет објавени разговори, а на снимките наводно го кажува тогашната шефица на СЈО, Катица Јанева, за да го смири Камчев, осомничен во „Империја“. И тоа е сè што јавноста можеше да го слушне од Јанева за овој случај.
На 15 август МВР го уапси Јовановски на излез од Македонија на граничниот премин Богородица, а во Скопје е уапсен Зоран Милески – Кичеец.
Неколку часа подоцна Јанева преку соопштение ја информира јавноста дека дава оставка од функцијата шеф на СЈО. Колегите од СЈО не ја штитат, напротив, се обидуваат да го заштитат само угледот на институцијата формирана за да го расветли криминалот и корупцијата, но сето тоа завршува неуспешно – СЈО згаснува, а обвинителите се вратени во матичните обвинителства, каде што продолжуваат да ги водат старите предмети.
На 21 август 2019 година, полицијата влегува на три локации, во СЈО и во домовите на Јанева во Гевгелија и во Скопје. Таа е уапсена и одредена ѝ е мерка притвор. Запленетиот сив кауч најверојатно долго ќе остане во меморијата на македонските граѓани.
Истрагата траеше неколку месеци, информациите се оскудни, а шпекулациите сè погласни. Јанева и Јовановски не даваат искази во истрагата.
Лани во октомври шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран кирминал, Вилма Русковска, го поднесува обвинението против Јовановски, Јанева и Милески. Самоуверено тврди дека се собрани сите докази – Јовановски се товари за примање награда и перење пари, Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување, а Кичеец за примање награда.
Зимоска, на 3 декември, почнува судскиот процес за „Рекет“, под будното око на јавноста.
За време на судењето паднаа меѓусебни навреди меѓу двете колешки, тешки зборови кои ја разбрануваа јавноста, но ништо од тоа не одеше во прилог кон обелоденувањето на вистината.
Изненадување беше кога Зоран Кичеец – Милески ја призна вината, а неговиот предмет беше издвоен и тој доби тригодишна затворска казна. Тој никогаш не излезе да сведочи.
Половина година траеше судењето за случајот „Рекет“ – рочиште по рочиште, вкупно четириесетина. Јовановски се жалеше на лоша здравствена состојба, бараше домашен притвор, Јанева со качулка на главата беше пренесена во домашен притвор, а во меѓувреме, за време на судењата, јавноста беше сведок на лични навреди и дисквалификации и препукувања.
Се редеа сведоци, но најголемо внимание предизвикаа Камчев и неговата сопруга Ана, кои тврдеа дека биле жртви на уцена и дека се бореле за правдата во Македонија. Русковска, пак, одеше со спротивна теза, дека Камчев го монтира случајот за да се спаси од случајот „Империја“.
Процесот заврши пред две недели.
Русковска во својот завршен збор кажа дека недвосмилено е докажана вината на Јовановски и Јанева, одбраната на став дека нема никакви докази за сторен криминал и дека целиот обвинителен акт се темели на исказот на Камчев, кој по секоја цена се обидувал да се спаси од затвор.
Судскиот процес финишираше, а трагата на парите, еден и пол милион евра кои Камчев тврди дека му ги дал на Јовановски, не беше откриена.
Во меѓувреме СЈО престана да постои, исто како и приказната за македонските „Чарлиеви ангели“. Судските процеси се во тек, но со видно намалено внимание од страна на јавноста, која очигледно ја загуби вербата во правосудниот систем во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

