Македонија
Манчевски и Адеми: Обезбедени ваучери за дигитални вештини за млади до 29 години

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, на денешната прес-конференција ја презентираа уредбата за доделување ваучери на млади лица за обуки за дигитални вештини.
Како што потенцираше министерот Манчевски, целта е да им се помогне на младите подготвени да се соочат со предизвиците кои се резултат на здравствено-економската криза, да бидат конкурентни за работни места каде што платите се повисоки и секако поради недостигот на ИКТ-кадар.
„Пандемијата предизвикана од Ковид-19 донесе нови правила на работа и неопходно е сите да се прилагодиме. Дигиталната трансформација и дигиталните вештини се наметнаа за неопходни како никогаш претходно. Преку ваучерите за дигитални вештини, со покривање на половина од трошоците, им овозможуваме на младите лица да добијат обуки со кои ќе бидат спремни брзо да најдат работа за повисока плата. Предвидуваме да се финансираат обуки за од најосновни до напредни дигитални вештини. Вкупниот буџет е во износ од 150.000.000 денари“, информираше министерот Манчевски.
Правните лица кои ќе се пријават, како и обуките кои ќе ги понудат ќе бидат селектирани од Дигиталниот форум. Дигиталниот форум е независно тело, во кое членуваат претставници на универзитетите со ИКТ-студии, четирите стопански комори, ИКТ-експерти и двајца претставници на институциите, односно Владата. Оваа одлука е донесена со цел јавноста да биде сигурна дека селекцијата на обуките ќе биде направена транспарентно и согласно потребите на пазарот на трудот.
„Обуките ќе опфатат дигитални вештини за управување со софтверски апликации и хардверски компоненти, вештини на напредно програмирање, вештини за употреба на дигитални технологии, како и поврзани вештини преку кои се овозможува употреба на информациско-комуникациски технологии. Дигиталниот форум ќе ја утврди листата на даватели на обуки за дигитални и обуките за дигитални вештини. Пријавувањето на младите луѓе, исто така, ќе оди преку националниот портал uslugi.gov.mk“, рече министерот Манчевски.
Министерот Адеми се осврна на пакетите мерки кои МОН ги обезбедува со цел помош и поддршка на младите. Станува збор за две уредби од кои првата уредба предвидува доделување средства за набавка на училиштен прибор, на средношколци кои потекнуваат од семејства со ниски приходи. Втората уредба предвидува доделување средства на студенти од семејства со низок приход, за покривање на дел од трошоците за партиципација за студирање или за сместување во студентски дом, односно приватно сместување.
„Уредбите се креирани во насока на одржување на ученичкиот и студентскиот стандард, јакнење на личната куповна моќ, како и за поддршка на процесот на стекнување дигитални и ИТ-вештини за поголема конкурентност и полесен настап на пазарот на трудот“, заклучи Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Во Кисела Вода поставено ново спомен-обележје на Цветан Димов

Денес, во општина Кисела Вода свечено беше поставена новата биста на народниот херој Цветан Димов, на локација спроти општинскиот објект. Претходното спомен-обележје, кое постоеше во рамките на истоимената урбана заедница, со години беше во лоша состојба поради негрижа и оштетувања.
По барање на жителите, Општината изработи нова биста, со што на овој голем херој му се оддава заслужено признание, а историската меморија добива повидливо и достојно место, извести општина Кисела Вода.
-Нашите херои не се само имиња во учебниците, тие се сведоци на историјата, втемелени во нашата слобода и иднина. Со новата биста на Цветан Димов, поставена на ова видно место, и соодветно оддаваме почит кон неговата жртва, но и создававме услови многу повеќе луѓе, особено младите, да ја запознаат неговата приказна. Историјата е најсилна кога е пред очите на граѓаните, а нашата задача е да ја зачуваме и пренесеме на генерациите што доаѓаат-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Изминатиот викенд 1.172 сообраќајни прекршоци на територијата на целата држава, 459 за брзо возење

Во деновите од изминатиот викенд како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализириаат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1172 издадени платни налози дури 113 прекршоци се однесуваат на возачи кои што учествувале во сообраќајот без возачка дозвола. Истовремено 80 возачи возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, додека пак 48 возачи на мотоцикли се санкционирани заради неносење на заштитен шлем, извести МВР.
„Инаку согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата најмногу прекршоци во текот на викендот 459 се однесуваат на непочитување на пропишаната брзина на движење, 192 за недозволено паркирање, додека пак прекршочно се санкционирани уште 38 лица кои некористеле сигурносен појас, 28 заради користење мобилен телефон при возење, четворица минале на црвено светло, а пет возачи се санкционирани поради не исполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
Исто така, а согласно Законот за возила, 29 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопштуваат од МВР.
Македонија
Невидена партизација во тек, единствениот пат до вработување е или преку партија или преку граница, велат од СДСМ

„Во државата на ДПМНЕ, нема институција која не е подложена на груба партизација пред изборите. МНАВ, Министерството за одбрана и уште десетина институции со преку 700 огласи за работа се предмет на вдомување исклучиво партиски подобни лица. Вакава груба партизација е незапаметена во историјата на државата. Стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат секаде, а местата се полнат со партиски луѓе. Се партизира секоја позиција, па дури и личните асистенти за децата со посебни потреби“, велат од СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ ја уништува последната капка надеж кај младите дека може да се вработат според квалификации и знаење. Каде е министерот Минчев да излезе и да објасни како се професионализирала администрацијата? Администрацијата никогаш не била на посилен удар, не е ни чудо што лани преку 17.000 луѓе се иселиле. Оваа бројка секојдневно ќе расте. ВМРО-ДПМНЕ надежта ја претвори во очај.
Само ако се анализираат вработувањата во МНАВ, целата работа е јасна. Вработувањето на Атанас Стамнов, човек без никакво искуство во воздушниот сообраќај, е само почеток. Негова сопруга е Анита Стамнова, директор на Централниот регистар. Братот на претседателот на управниот одбор, Владимир Ристовски, кој е чист партиски кадар од Карпош, е унапреден.
Во Министерството за одбрана се случува уште поголема манипулација. Во конкурсот за 60 места за стручно оспособување на офицери, 74 кандидати успешно ја поминале селекцијата, но само 29 имиња се нашле во решението. Министерството за одбрана ја лаже јавноста тврдејќи дека тие кандидати ќе бидат пренасочени во “втора група” за курсисти, што е целосна манипулација.
Нема да има втора група, туку нов оглас за нови кадри кои се подобни и кои ќе ги чуваат местата за нив.
Граѓаните треба да бидат свесни дека пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна: нема место во оваа држава за чесните, работливи, оние кои вложувале во себе и својот развој. Единствениот пат до успехот е или преку партијата или преку граница. Токму ваквиот систем граѓаните се надеваа да се промени, но тој не само што не се промени, туку за прв пат се надгради до мера на уништување на целото општествено ткиво“, соопшти СДСМ.