Македонија
Спасовски: Забрзана градба на нова енергетски ефикасна градинка во Драчево
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, заедно со заменикот министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, дополнителниот заменик за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, денеска направија увид во градежните работи на нова, енергетски ефикасна градинка во Драчево, општина Кисела Вода.
Во изјавата за медиумите премиерот Спасовски истакна дека ова е посебна пригода која заслужува соодветно внимание кога се иницираат проекти од значење за раниот детски развој, проекти од огромно значење за најмалите, за нашите идни генерации, проекти со кои им го обезбедуваме соодветниот здрав развој.
„Приближно за една година, во овој супер модерен објект ќе бидат сместени околу 130 дечиња од под 2- годишна возраст, како и деца до претшколска возраст. Се работи за проект според сите стандарди за ваков тип претшколски установи, еколошки здрави средини и енергетски ефикасни објекти, и со партерно уредување со површина 1.320 метри квадратни зеленило со детско игралиште“, изјави Спасовски.
Тој потенцираше дека ова е само еден од врвните приоритети на Владата и на Министерството за труд и социјална политика, кои пред три години си зададоа задача опфатот на децата коишто одат во градинка да го зголеми за 50%.
Тој објасни дека со отворањето нови градинки се зајакнува вработеноста, посебно на жените, бидејќи се обезбедува грижа и воспитание на нивните деца во местата каде што живеат, а тие ќе може да се вклучат на пазарот на труд.
„Паралелно со инвестициите во инфраструктурата, континуирано работиме на зајакнување на кадарот во градинките и надградување на компетенциите на воспитувачите/чките. Досега обезбедени се 1.400 согласности за вработувања во градинките. Во изминатиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски развој и создадовме услови за квалитетно сместување на 3.000 предучилишни деца. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за згрижување деца во градинки. За само две години се изградија, се обновија и реновираа повеќе од 70 објекти, градинки и детски центри во целата држава, во градовите, но и во руралните средини. За вработените во детската заштита обезбедивме повисоки плати за 21 отсто, што е најголемо досега“, објасни премиерот Спасовски.
Бајрактар ја истакна посветеноста на Министерството за труд и социјална политика кое ги продолжува сите капитални проекти, бидејќи тоа не е само инвестиција во објекти туку пред сè вложување во децата на оваа земја.
„Наша примарна цел е искоренување на детската сиромаштија и обезбедување еднаква шанса за секое дете. Во изминатиот период инвестиравме во 44 градинки и објекти за ран детски и создадовме услови за квалитетно сместување на 3000 предучилишни деца. Дополнителни 15 милиони евра се обезбедени за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки кои ќе значат нови 7.500 места за згрижување деца во градинки. Како што гледате, овие средства непречено се реализираат. Општина Кисела Вода ќе добие современа и енергетски ефикасна градинка, наменета за 125 деца, од сите возрасни групи“, прецизираше заменикот-министер Бајрактар.
Тој акцентираше дека со зголемувањето на капацитетите за деца од предучилишна возраст ги зголемуваме можностите за пристап до рано учење и обезбедуваме еднакви можности за ран детски развој за секое дете и дека целта е да се опфатат што повеќе деца во предучилишно образование.
Градоначалникот Темелковски објасни дека познавајќи ги спецификите на Општина Кисела Вода, познавајќи ги барањата на нејзините жители беше јасна потребата од постоење на уште еден ваков капацитет кој ќе одговори на потребите на граѓаните од Драчево, но и ќе ги растовари останатите градинки од овој дел на градот.
„Согласно проектот изработен од Општина Кисела Вода, новата градинка ќе се простира на површина од 600 квадратни метри, со поделена катност од подрум, приземје и еден кат. Капацитетот на градинката за згрижување е за вкупно 125 деца, од кои за 95 на возраст од 2 до 6 години и за 30 до 2-годишна возраст“, објасни градоначалникот Темелковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјата.
Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

