Свет
Голем хакерски напад во Австралија, премиерот тврди дека се работи за државен актер

Софистициран државен актер се обиде да хакира повеќе австралиски организации во текот на неколку месеци, а неодамна ги засили своите напори, рече австралискиот премиер Скот Морисон.
Целите на нападот се сите нивоа на влада, политички организации, даватели на основни услуги и оператори во клучната инфраструктура, рече Морисон на прес-конференција во Канбера.
„Знаеме дека се работи за софистициран државен актер поради обемот и природата на целта“, објасни тој.
Морисон рече дека нема многу држави што би можеле да започнат ваков вид напад, но Австралија нема да соопшти која држава е одговорна.
Морисон организираше вонредна прес-конференција во Канбера за да спречи граѓаните да се најдат во „специфични ризици“.
Министерката за одбрана, Линда Рејнолдс, изјави дека немало поголем упад во личните податоци.
Според австралиските медиуми, списокот на одговорните е многу краток, затоа што нема многу држави кои имаат капацитет за таков напад.
Медиумите ја наведуваат Кина како главен осомничен, а телевизијата „АБЦ“ цитираше високи извори кои велат дека Кина стои зад нападот.
Премиерот ја информираше опозицијата за нападите и побара од институциите и компаниите да се заштитат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран: Фативме германски државјанин за шпионажа во воени и нуклеарни зони

Иранските власти уапсија германски државјанин под обвинение за шпионажа во чувствителни воени и нуклеарни области, објави државната телевизија Канал два.
Во извештајот , уапсениот е опишан како „еврејски германски државјанин со двојно државјанство и шпион“. Тој беше прикажан во притвор во иранската централна провинција Маркази, а властите тврдат дека е под истрага за „десетици случаи на шпионажа и/или саботажа“.
Според извештајот, тој влегол во Иран преправен во турист, но наводно снимал чувствителни области низ земјата. Во последните денови, има значително зголемување на апсењата на луѓе за кои Иран тврди дека се поврзани со Израел.
Неодреден број луѓе во неколку провинции, вклучувајќи ги Маркази, Исфахан и Техеран, се приведени под слични обвиненија од почетокот на израелските напади врз Иран.
Свет
Трамп вечерва го собира својот тим за национална безбедност поради Израел и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва во Белата куќа ќе свика клучен состанок на неговиот тим за национална безбедност, на деветтиот ден од војната меѓу Израел и Иран, пренесува Аксиос.
Средбата ќе се одржи во салата за кризни ситуации, а се очекува на дневен ред да се најде и прашањето за потенцијалниот американски одговор на продлабочената регионална ескалација.
Според информациите од повеќе извори, средбата може да означи пресвртница во актуелната американска стратегија на воздржаност. Пред неколку дена Трамп изјави дека ќе донесе одлука за евентуален воен одговор на САД во рок од две недели, но фактот што вечерва го собира својот безбедносен врв укажува дека одлуката може да дојде и порано.
Според очекувањата, на состанокот треба да присуствуваат секретарот за одбрана Пит Хегсет, потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на дипломатијата Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ратклиф, директорот на Националното разузнавање (ДНИ) Тулси Габард, началникот на Здружениот штаб генерал Кејн и специјалниот пратеник за Иран Џејсон Виткоф. Станува збор за луѓе кои го сочинуваат внатрешниот безбедносен круг на претседателот и кои се вклучени во секојдневните консултации од почетокот на конфликтот.
Свет
Ердоган до Иран: Обновувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот пат до решение

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му рекол на иранскиот министер за надворешни работи дека продолжувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот начин за решавање на конфликтот со Израел и спорот околу иранската нуклеарна програма, објави Ројтерс.
Ердоган денеска во Истанбул се сретна со заменик-шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи и изјави дека Турција е подготвена да ја преземе улогата на посредник во повторното започнување на преговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Турскиот претседател оцени и дека израелскиот напад врз Иран непосредно пред евентуалниот почеток на преговорите со САД е „чин на саботажа“.