Економија
Бабовски: На располагање се нови средства за сточарите кои набавиле назимки и пчелини матици
Сите сточари кои во период од 1- ви октоври до 31- ви декември 2019 година, набвиле педигрирани, хибридни чистокрвни свиња и пчелини матици од одобрени одгледувалишта, ќе може да поднесат барање за добивање на финансиска поддршка преку Мерката „121 Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства“ од Програмата за Рурален развој.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, информира дека право на аплицирање за добивање на оваа финансиска поддршка, имаат сите земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, (ЕРЗС) во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно Закон за земјоделство и рурален развој.
Финансиската поддршка за набавка на пчелини матици е до 600.000 денари по корисник, додека за набавка на педигрирани чистокрвни или хибридни свињи финансиската поддршка е до 6.500.000 денари по корисник.
Финансиската поддршка за Мерката 121, се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.
Бабовски, појаснува дека ставката за ко-финансирање се зголемува во случаите кога:
-Инвестицијата ја реализирал млад земјоделец. За оваа категорија баратели, кофинансирањето изнесува 55%..
-за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кофинансирањето е до 60% ,
-за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец кофинансирањето е до 65% и
– инвестиции во недостапни рурални заедници се кофинансираат со 75% од средствата кои се прифатени. “ – посочува Бабовски.
Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на веб страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој www.ipardpa.gov.mk , e-baranje.ipardpa.gov.mk.
Барателите на финансиска поддршка, потребно е да креираат електронско барање за исплата. Со бараните податоци да ги прикачат и задолжителните електронски документи. Електронски пополнетото барање за исплата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година., уредно заверено со потпис и печат од барателот, заедно со целокупната потребна документација оригинал се доставуваат во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол “НЕ ОТВАРАЈ“ Барање за исплата и Архивски број на Барањето (0220-12125-XXXX/1). Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата.
Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за користење на поддршка по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година.
Краен рок за достава на барањата е 15.07.2020 година.
Барателите кои ги исполниле условите за користење на средства се рангираат со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој.
• Барањата со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барање на e–baranje.ipardpa.gov.mk
• Барањата кои не поднесени електронски на e–baranje.ipardpa.gov.mk нема да се разгледуваат.
Корисниците на средства треба да ги имаат намирено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и финансиските обврски кон Јaвното претпријатие за стопанисување со пасишта и воден надоместок кон водостопанските претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

