Македонија
Мицкоски: За експлозијата во пекарата на Мисајловски одговорна е СДСМ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја обвини СДСМ за експлозијата во семејната пекара на потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски.
„Овде не се работи за ‘случаен’ пожар каков му се случи на Мисајловски пред неколку години, туку за јасна намера. Да не заобиколувам или да се трудам да бидам дипломатски коректен, одговорноста за ова е на власта на СДСМ. Таму треба да се бараат нарачателите и инспираторите на сето ова“, обвинува Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ова е израз на целосна немоќ и страв од пораз. Мицкоски изрази поддршка за Мисајловски коментирајќи дека ако ако пораката која сакала власта да ја испрати кон опозицијата е страв, тогаш нивниот одговор е одлучност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести го пречека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кoj престојува во посета на земјава.
Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следeше пленарен состанок на македонската и хрватската делегација.
Во фокусот на разговорите беа билатералните односи, процесот на нашата европска интеграција, низ призма на меѓународниот поредок, ЕУ амбиентот, како и регионалните предизвици.
„Обете страни искажаа задоволство од конструктивната соработка во повеќе области и го потврдија многу пати докажаното силно пријателство, засновано на меѓусебното разбирање, почит и подршка. Водени од актуелните состојби на европскиот континент, но и пошироко, соговорниците укажаа на важноста на усогласениот регионален пристап за справување со безбедносните предизвици“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Сиљановска – Давкова изрази длабока благодарност за цврстата и континуирана поддршка на Хрватска за македонското членство во ЕУ и спремност за проширување и продлабочување на соработката во различни сфери од интерес на двете држави.
Македонија
Истрага за две грабнувања во Тетово, едната жртва било дете: на сила го внеле во возило и го удирале со тупаници и железна палка

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители грабнале две лица, од кои едно дете.
На 5 мај утрото двајцата осомничени со умисла извршиле грабнување на лице, на сила влечејќи го за рацете и рамењата, по што го внеле во нивниот автомобил БМВ Х5. Во возилото и физички го нападнале, удирајќи го со тупаници по главата и лицето и барајќи од него да каже кои се лицата кои зеле пари од ќерката на еден од осомничените.
Исплашен од физичкиот напад и ударите, оштетениот посочил две лица и адресите на кои можат да бидат најдени. Кога осомничените се упатиле да го бараат и да прашуваат за првиот од нив, оштетениот успеал да им избега од возилото и да го пријави настанот во полиција.
Истиот ден попладне, во близина на зградата на Основниот суд во Тетово, двајцата осомничени извршиле грабнување и на едно од посочените лица – шеснаесетгодишно дете. Малолетникот исто така на сила го внеле во автомобилот, започнале да го удираат со тупаници и да бараат од него да каже зошто ја тепал ќерката на еден од осомничените.
На детето му го зеле мобилниот телефон и го натерале да го отвори за да му ги прочитаат пораките, а потоа на паркинг го симнале од возилото и продолжиле да го удираат со тупаници и железна палка. Во еден момент малолетникот успеал да им избега и да го пријави настанот.
Постои основано сомнение дека со овие дејствија осомничените сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, од кои едното грабнување е во потежок облик бидејќи е сторено спрема малолетно лице. Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
Македонија
Африм Гаши во посета на Италија

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, од 7 до 9 мај, ќе предводи Собраниска делегација во официјална посета на Италијанската Република.
Во составот на Делегацијата се членовите на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Италијанската Република, Благица Ласовска и Димитар Ковачевски; потоа пратеничката Мимоза Муса, член на Комисијата за европски прашања; како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Согласно програмата, предвидени се средби со Лоренцо Фонтана, претседател на Долниот дом на Парламентот на Италијанската Република; со сенаторката Ема Паванели и членовите на Билатералната група за соработка со државите од Балканот; со претседателот на Комисијата за надворешна и европска политика, Џулио Тремонти и членовите; и со претседателот на Комисијата за ЕУ политики, Алесандро Џиљо Виња, и членовите.
Во рамките на програмата, генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, ќе оствари одделна средба со д-р Фабрицио Касталди, генерален секретар на Домот на пратеници на Парламентот на Италијанската Република.
Меѓу другите активности, во просториите на Амбасадата на РС Македонија во Рим, за претседателот на Собранието и Делегацијата е организирана средба со претставници на дијаспората во Италијанската Република.