Македонија
Времен прекин на ТВ каналите, операторите ја реализираа најавата во знак на протест
Македонските оператори вечерва времено прекинаа со реемитувањето на ТВ програмите, освен на јавниот сервис МРТВ, во знак на протест поради, како што велат, неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Преку соопштение во петокот операторите наведоа дека се принудени да почнат со времени прекини во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ од 21 јуни, 2020.
Ова, како посочија, се должи на измената на законската и подзаконската регулатива во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, со која на операторите им се наметнуваат неуставни обврски.
„На овој начин сакаме да го подигнеме нивото на свесност за сериозноста на ова прашање кај пошироката јавност, особено нашите крајни корисници кои ќе бидат најмногу погодени од актуелното законско решение.И покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали нема решение туку сѐ повеќе се комплицира, наведува во соопштение операторите кои се дел од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.
Велат дека со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност.
„Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон. Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена. Сите оператори, по истекот на овој период, односно на 08.08.2020 ќе треба да ги исклучат странските канали кои ги реемитуваат, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга страна бара изјави со кои под морална и кривична одговорност операторите би одговарале за нешто за што немаат законска должност ниту пак моќ да го контролираат, се наведува во соопштението.
Операторите најавија дека сите корисници кои ќе бидат афектирани од оваа одлука ќе бидат обештетени со соодветно намалување на месечната претплата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

