Регион
Вучиќ и СНС победници со освоени 63,4 oтсто од гласовите
Александар Вучиќ и СНС се апсолутни победници на српските избори со освоени 63,4 проценти од гласовите односно 190 пратеници во идниот парламент. По соопштвањето на првичните резултати кои ќе претрпат одредени измени со оглед дека не се изброени гласовите на Србите од Косово, се обрати Вучиќ.
„Во политиката сум долг период, но не сум имал ваков момент, добивме огромна доверба од народот, најголема досега во Србија. Добивме големо предупредување дека мораме да бидеме поодговорни и посериозни и дека мораме да направиме најдобри резултати за нашите граѓани. Ова е историски момент, ние добиме над 2 милиони гласови од излезени над 3 милиони гласачи на овие избори“, рече Вучиќ.
Нагласи дека СНС победиле на секое место во странство и секаде каде што не победувале досега.
„На Косово е рекордна излезноста, резултатите ги очекуваме утре, за прв пат над 10.000 Срби излегоа во Косовска Митровица да гласаат, над 65.000 во Косово, зошто знаат колку е важно да останеме јаки. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани на Србија, кои и покрај сите закани и лоши услови, покрај заплашувањето со корона излегоа, зошто знаат дека иднината на Србија е поважна од сите нас. Граѓаните кажаа што мислат и што сакаат за иднината на Србија“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Албанија на суд поради ВИ министерката: Актерка ја тужи владата за злоупотреба на нејзиниот лик
Албанската министерка – првиот виртуелен државен функционер во светот, би можела да остане без својот препознатлив лик, откако актерката врз чии карактеристики е создаден дигиталниот аватар поднесе тужба против Владата на Албанија.
Премиерот Еди Рама во август 2025 година најави можност за именување министер или премиер заснован на вештачка интелигенција, а веќе во септември беше претставена Диела – вештачка функционерка задолжена за борба против корупцијата во јавните набавки.
Диела претходно беше позната како чат-бот на државниот портал e-Albania, а нејзиниот дигитален лик и глас биле креирани според актерката Анила Биша, врз основа на договор кој истекол на 31 декември 2025 година. Откако Диела добила министерска функција, нејзиниот лик бил прикажан и во обраќање до парламентот што се пренесувало низ целиот свет.
Според локалните медиуми, Биша поднела тужба против Владата, премиерот, приватната компанија која учествувала во проектот и Националната агенција за информациско општество (AKSHI). Таа тврди дека владата продолжила да го користи нејзиниот лик и по истекот на договорот, и надвор од дозволената намена, која била ограничена само на платформата e-Albania.
Во судските документи, Биша бара итна забрана за натамошна употреба на нејзиниот лик додека трае судскиот процес, наведувајќи дека неовластеното користење ѝ нанело значителна и непоправлива штета.
Во претходен телевизиски настап, Биша изјавила дека за потребите на системот снимала обемни аудио и видео материјали за ограничен временски период и за симболичен надомест, но никогаш не дала согласност за други форми на користење.
Портпаролката на албанската влада, Мањола Хаса, изјави дека Албанија е демократска држава во која граѓаните имаат право да покренат судски постапки против институциите. Таа додаде дека владата смета дека тужбата е неоснована, но е подготвена спорот да се реши пред суд, пренесе „Политико“.
Регион
Јотова го назначи Ѓуров за технички премиер: Бугарија влегува во процес на формирање привремена влада
Претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ќе го задолжи кандидатот за вршител на должноста премиер Андреј Ѓуров да формира влада, соопшти прес-службата на шефот на државата.
Шефицата на државата го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Андреј Ѓуров за вршител на должноста премиер. Денес во 10:00 часот, претседателката Јотова ќе го прими Ѓуров во Дондуков 2.
Според Законот на БНБ, доколку гувернерот или заменик-гувернерот изразиле експлицитна согласност да бидат назначени за вршител на должноста премиер, тој или таа треба да поднесе оставка.
„Фер избори може да се одржат кога привремената влада не се меша во политичката сцена, е доволно неутрална и работи само во рамките на овластувањата што ѝ се доделени со Уставот“, рече Андреј Ѓуров по разговорот со Илијана Јотова во јануари, пренесува „Офњуз.бг“.
Според Уставот на Бугарија, по консултации со пратеничките групи и по предлог на кандидатот за привремен премиер, претседателот назначува привремена влада и закажува избори во рок од два месеци.
Минатата недела, претседателката изјави дека таа и нејзиниот тим ќе сторат сè што е можно за да се одржат изборите на првиот датум по велигденските празници. Првата недела по Велигден е 19 април.
Регион
(Видео) Тепачка во турскиот парламент додека новиот министер за правда полагаше заклетва
Во турскиот парламент изби тепачка меѓу пратениците на владејачката АКП и опозициската ЦХП за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек.
Инцидентот настанал кога опозициски пратеници се обиделе да го спречат Гурлек да се заколне, по што дошло до туркање и физичка пресметка. Седницата била прекината околу 15 минути.
Гурлек на крајот ја положил заклетвата, додека опозицијата фрлала копии од Уставот кон претседателот на парламентот.
ЦХП оцени дека неговото назначување е удар врз демократијата, додека АКП тврди дека постапката е во согласност со Уставот.

