Македонија
Вeвчани со мултифункционален туристички објект ќе привлекува странски и домашни посетители
Увид на завршени и тековни активности за реализација на проектот „Туристички центар Вевчани“, денеска извршија вицепремиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заедно со заменик-министерот за економија, Кирил Колемишевски, и заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, во придружба од градоначаникот на Вевчани, Сашо Јанкоски.

По извршениот увид вицепремиерката Царовска го изрази своето задоволство од сработеното и посочи дека реконструкцијата на старото основно училиште и негово трансформирање во мултуифункционален туристички објект ќе придонесе за збогатување на туристичките содржини во општина Вевчани.
„Владата во соработка со Делегацијата на Европската Унија и канцеларијата на Светската банка обезбеди милион евра за реконструкцијата на овој објект. Навистина содржината која ќе ја понуди овој мултифункционален објект ќе испровоцира многу туристи од нашата земја и од странство да го посетат Вевчани. Оваа општина поседува големо културно богатство, кое ќе биде презентирано во музејот во рамките на објектот, а се одликува и со убава природа, во која може да уживаат туристите кои ќе ја посетат. Целиме кон тоа секоја општина да го достигне максималниот туристички потенцијал и да имаме рамномерен развој на регионите, со што ќе се максимизира и економскиот раст на државата“, нагласи Царовска.

Заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, посочи дека инвестицијата од околу милион евра во реконструкција и опремување на мултифункционалниот туристички објект е од големо значење за општината бидејќи во истиот ќе биде изложено големото културно богатство на Вевчани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

