Македонија
Пендаровски: Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања
За првпат од независноста на земјата имаме избори како земја членка на НАТО и во очекување да ги почнеме претпристапните преговори со Европската Унија. Изборниот процес и изборите мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми, имајќи ја предвид и нашата евро-атлантска перспектива, изјави претседателот Стево Пендаровски.
„Овие избори се одржуваат во време на пандемијата на Ковид-19, прогласена од Светската здравствена организација. Во таа насока, на сила ќе бидат посебни здравствени протоколи со цел да им се овозможи на сите граѓани кои ќе одлучат да го искористат своето уставно загарантирано право на глас, да го сторат тоа во безбедни услови и со соодветна заштита.
Драги сограѓани, постапувајте според протоколите за безбедност и заштита при одвивањето на севкупниот процес на избори. При гласањето бидете заштитени, почитувајќи ги мерките, протоколите и држете пропишано растојание.
Апелирам до сите учесници во изборниот процес да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски, како што и се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори. Очекувам сите политички партии да организираат кампања во која учеството ќе биде безбедно за сите, и за кандидатите и за граѓаните. Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања, со високо ниво на политичка култура, без дискредитации. Очекувам инклузивна кампања во која ќе учествуваат сите маргинализирани групи и малцинства, во која ќе биде застапуван и нивниот интерес.
Од друга страна, очекувам сите институции кои се најповикани и надлежни за спроведување на изборниот процес да работат професионално, во согласност со принципите на отвореност, еднаквост и непристрасност.
Слободата на изразување е клучна за да имаме кредибилен изборен процес и граѓаните да добијат релевантни, навремени и вистинити информации со цел самостојно да донесат одлука кому ќе го дадат својот глас. Во услови кога имаме избори без поголеми собири и теренски активности, медиумите имаат уште позначајна улога и затоа е потребно непристрасно и професионално да ја информираат јавноста. Социјалните медиуми ќе бидат значајна алатка во изборната кампања, честопати и како извор на потпалувачки говор и лажни вести кои го поткопуваат демократскиот развој на отворените општества. Апелирам до граѓаните да бидат внимателни и редовно да ги проверуваат информациите кои се пласираат на социјалните медиуми од непознати извори.
Дозволете да посакам успешни избори, фер и коректна кампања, на крај вистинската одлука ќе ја донесат граѓаните.
Почитувани граѓани, ве повикувам да излезете и да гласате по свое лично убедување, без страв и без притисоци. Одлучете сами на која политичка опција и за каква политика ќе го дадете својот глас и својата доверба“ се вели во изјавата на претседателот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

