Македонија
Филипче: Нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата

Препукувањата меѓу министерот за здравство, Венко Филипче и директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, Арбен Зибери и натаму продолжуваат. Откако Филипче најави разрешување, а Зибери се правдаше дека има право на политички ставови изразени преку социјалните мрежи, министерот му порача дека тоа не му дава за право да изнесува лаги и да ја урнисува довербата во Комисијата за заразни болести.
„Tоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува. Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата“, му врати Филипче на Зибери.
Преписките меѓу министерот и директорот доаѓаат откако Зибери на социјалните мрежи објави дека како член на Комисијата за заразни болести, дал придонес за отворање на границите, со цел, тие да дојдат и да гласаат за Албанец да биде избран за премиер. Филипче ја оцени изјавата како евтина и лоша предизборна реторика и најави правни консултации за разрешување на Зибери. По ова, директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, му порача на Филипче да престане да ја злоупотребува говорницата за изборни цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и многу топло, максималната температура до 40 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на многу топла воздушна маса во текот на оваа седмица ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоистоичен правец.
Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.