Македонија
(Видео) Коалицијата „Можеме“ во Бутел: Масовно да излеземе на изборите и да продолжиме со развојот
Носителите на листа во ИЕ2, Оливер Спасовски и Сања Лукаревска, генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на движењето Беса, Аријанит Хоџа, и претседателот на Бошњачки демократски сојуз, Мунир Колашинац, порачаа синоќа од скопската општина Бутел дека претстојните избори се многу важни и граѓаните да излезат и да гласаат, затоа што коалицијата „Можеме“ е коалиција што носи сигурност и рушење на остатокот од режимот.
„На оваа листа ги имаме сите, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, други. На овие избори нема два концепта и опции. Ова е опција на сигурност. Станавме 30-та членка на алијансата. Можеме и во ЕУ. Другото е криминалната структура што носи опасност и сакаат да влезат во Собранието за да бидат заштитени од понатамошните постапки“, рече Спасовски.

Тој зборуваше за вложувањата во здравството, нов ургентен центар во Куманово, нова болница во Струмица, Скопје добива нов клинички центар, дека се штити јавното здравје и се јакнат капацитетите на јавното здравство за справување со актуелната здравствена ситуација во светски рамки. Тој рече дека се сочувавани 140.000 работни места, колку што се доделени минимални плати, со што покажале колку им значи македонската економија и дека новата програма на СДСМ е програма за нова развојна економија. Тој направи споредба дека на другата страна се Мицкоски и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ кои блокираат проекти.
„Ќе ги земеме 30-те милиони евра што ги блокираа и ќе ги вложиме во здравството, ништо веќе не значи од корумпирани политичари. Масовно да излеземе на изборите и да продолжиме со развојот уште повеќе и уште подобро“, повика Спасовски.
„Денес живееме во слобода. Градиме општество еднакво за сите, кое нуди еднакви можности и достоинствен живот за секој. Ја зголемивме минималната плата и просечната плата. Креираме мерки со кои ги враќаме парите назад кај граѓаните. Ние нудиме иднина. Единствено што нуди ВМРО-ДПМНЕ е обнова на режимот. Разликата е очигледна. Изборот е јасен“, порача носителката на листа во ИЕ 2, Сања Лукаревска.

„Изборите се многу важни, процесот на ЕУ-интеграции мора да продолжи за доброто на сите нас“, рече претседателот на Бошњачки демократски сојуз,Мунир Колашинац.
Генералниот секретар и шеф на Изборен штаб на движењето Беса, Аријанит Хоџа, рече дека Република Северна Македонија може да ја водиме кон ЕУ само како една држава за сите.
„Успеавме, од различни страни, почнувајќи од 2016 година, да ја вратиме државата на прав пат, станавме членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговори со ЕУ. Следува нов успех, за рушење на остатокот на режимот“, рече Хоџа, додавајќи дека на државата не и требаат партии со хипотеки, туку енергична екипа што ќе ја добијат на овие избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта
Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери, велат од СДСМ.
Молкот, според нив, е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта.
„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?
СДСМ со денови говори дека постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија. Овој случај е уште една потврда за тоа“.
Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм, истакнуваат од оваа партија.
Молкот, како што додаваат, мора да престане.
„Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со 5 тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа.
Нема бегање од одговорноста.
Македонија
Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица“.
Ваквото однесување на Трендафилов, додават од владејачката партија, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата.
„На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?“
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерие Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левица против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

