Македонија
Филипче: Новиот реиз на ИВЗ дава максимална поддршка за борба со коронавирусот

Министерот за здравство, Венко Филипче, смета дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат и да го искористат своето влијание во заедницата во борбата со коронавирусот.
Во контекст на ова, утрово министерот оствари средба со новиот реис на ИВЗ, Шаќир Фетаху.
„Фетаху во целост се согласува со ова и ја поздравува иницијативата. Тој посочи дека ќе продолжи да дава максимална поддршка и свој личен придонес во напорите на институциите кои се справуваат со корона-кризата во земјата“, рече Филипче.
Министерството за здравство планира заеднички средби на претставниците на Владата, невладините организации и верските заедници.
„Борбата со вирусот ќе трае, но ние мора да научиме да живееме со него и да се заштитиме. Сметам дека е од огромно значење сите општествени чинители активно да се вклучат, да го искористат своето влијание во зедницата во подигнување на свеста за коронавирусот и потребата од почитување на мерките за лична заштита. За ова е неопходен дијалог на сите општествени нивоа. На средбите ќе ги дефинираме начините за активно вклучување на сите и обединување во борбата со вирусот“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на геријатрија зел 20.000 евра поткуп за да смести неподвижно лице

Заедно со посредник, директорот на болницата за геријатрија, Мухсин Арифи, барал и примил поткуп за сместување на болно и неподвижно лице во геријтриската установа.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, откривајќи детали за акцијата на МВР со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека поткупот бил во износ од 20.000 евра.
За жал, кога сѐ уште владее национална тага, вели Јанев, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат.
Тој уверува дека нема да се дозволи ваквите случаи да останат неказнети.
Мухсин Арифи беше приведен денес заедно со уште едно лице во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Предложено е спојување на Фондот за иновации со Агенцијата за поддршка на претприемништво

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од реорганизација на Фондот за иновации и технолошки развој и предлог за спојување со Агенцијата за поддршка на претприемништво.
Владата го задолжи Министерството за образование и наука во рок од 10 дена да формира работна група со претставници на Канцеларијата на Претседателот на Владата, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Фондот за иновации и технолошки развој која ќе има за цел да изработи нов или измена и дополнување на Закон за иновациска дејност со кој ќе се регулира реорганизацијата на Фондот за иновации и технолошки развој.
Македонија
Владата ќе набави 120 еколошки автобуси за градски превоз

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на 120 еколошки автобуси за градски превоз.
Министерството за транспорт е задолжено да ја отпочне постапката за јавна набавка.
Распределбата ќе се изврши согласно ургентноста, економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа, се вели во информацијата од владината прес-служба.