Македонија
Филипче: Со е-рецепт и укинувањето на квотите за лекови овозможен е брз пристап на пациентите до терапија

Со е-рецепт и укинувањето на квотите за лекови во аптеките овозможен е брз и ефикасен пристап на пациентите до терапија, изјави министерот за здравство, Венко Филипче. Тој кажа дека проектот за електронско издавање рецепти е почнат уште пред кризата со коронавирусот, а со цел да се избегне непотребното доаѓање на пациентите, пред сè на пациентите со хронична болест и кај матичниот лекар и во аптеките.
„Ова се покажа дека е еден одличен модел и проект, и токму кризата го докажа тоа, заради тоа што тие категории граѓани и пациенти коишто најмногу сакаме да ги заштитиме во оваа ситуација – пациентите со хронични болести, сега го избегнуваат непотребното одење во лекарските амбуланти. Со оваа алатка се модернизираше процесот на препишување и издавање лекови, без хартија, односно преку електронски рецепт и тоа е нешто што ја олеснува целокупната постапка за издавање на рецептите за пациентите, а од што придобивка имаат не само пациентите, туку и матичните лекари и аптеките, фармацевтите и, секако, Фондот за здравствено осигурување“, рече министерот Филипче.
Тој потенцираше дека пациентите добиваат ефикасен пристап до лекови. Додаде дека матичните лекари веќе не се преоптоварени со дополнителна работа, а тоа е пополнување на хартиениот рецепт, туку софтверскиот рецепт е директно достапен во аптеките, а во исто време Фондот за здравствено осигурување има информација за тоа кој матичен лекар, за кој пациент какви лекови препишува.
„Системот досега се покажа успешен, од први мај досега преку овој систем се креирани над три милиони рецепти за хронична, акутна терапија. Воведувањето на електронскиот начин на издавање рецепти е практично надополнување на активностите за целосна достапност до терапиите и лековите за пациентите и граѓаните, која почна минатата година во октомври кога целосно ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум државата. Со тоа обезбедивме лекови за сите пациенти, за сите наши граѓани кои имаат потреба од тоа да имаат лек во кој било ден од месецот, се избегнаа метежот и редиците, се избегна паниката. Таа веќе не постои кај граѓаните и со тоа постигнавме една од нашите цели, преку вистински здравствени политики да го зајакнеме овој сегмент од јавноздравствениот систем“, информираше министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.