Македонија
Зибери: Државата ќе покрие 50% од социјалните придонеси 3 години по ред за секое вработување
Кандидатот за прв премиер Албанец, Насер Зибери, денес престојуваше во Општина Гостивар, односно ја посети компанијата „Монтенегро“ каде презентира своето прво изборно ветување за еднаква економија во приватниот сектор.
„ Денешната посета на компанијата”Монтенегро” претставува позитивен пример за тоа како треба да работи нашето мултиетничко општество. Овде вие работите заедно: Албанци, Македонци, Турци. Вие се поддржувате едни со други, вие сте соработници, а некои од вас се дури и пријатели. Сепак, ова сè уште не е вообичаена состојба во нашето општество” истакна Зибери при што додаде дека нашите заедници сè уште се поделени во многу области од нашето општество, дури и во економијата; се уште многу компании веројатно нема да вработат член на етничко малцинство; се уште, во многу претпријатија има нееднаквост и дискриминација.
„ Ова е едно од многуте прашања на кое што сакам веднаш да се посветам како прв премиер албанец на Северна Македонија. Додека во изминатите две години, еднаквоста во јавниот сектор и во администрацијата се подобри во голема мера, во приватниот сектор сè уште сме далеку од тоа што го нарекуваме еднакви можности. Кога зборувам за еднаквост, не зборувам само за Албанците, туку и за Турците, Бошњаците и другите малцинства, а исто така и за Македонците. Бидејќи, еднаквоста не е неопходна само за современото општество, туку ја зајакнува и економијата” нагласи кандидатот за прв премиер албанец Зибери, притоа потенцирајќи дека како прв премиер Албанец, ќе биде премиер за сите и ќе овозможи обединување на општеството.
Во овој контекст тој додаде дека кога сите работат заедно, ги делат и истите интереси, се обединуваат во остварување на заедничката цел – успех на компанијата, односно поголеми плати.
Зибери при посетата на компанијата се осврна и на евро-атлантска иднина на нашата земја, како членка на НАТО, а наскоро и на ЕУ, притоа додавајќи дека пред нашата земја стои шанса да го надмине минатото, да доведе до обединување на сите и да се движи напред.
„ Изборот на првиот премиер албанец, прв со немнозинска етничка припадност, е сигнал за целиот свет. Доказ дека Северна Македонија е дел од модерната Европа и дека е далеку понапред во регионот, со зрела демократија и рамноправно општество” додаде тој при што потенцираше дека откако ќе биде избран за премиер, една од првите негови иницијативи ќе биде да се зголеми еднаквоста во приватниот сектор, при што за секое ново вработување, што подобрува еднаква застапеност во компанијата, државата ќе покрие 50 проценти од социјалните придонеси, оваа мерка, ќе биде мотивирачки за сопствениците на деловни активности да ја зголемат еднаквоста во нивните компании и да создадат амбиент на еднакви можности.
Од економски аспект Насер Зибери истакна дека економската преродба – еднаква за сите покрај зголемувањето на еднаквата застапеност, ќе овозможи поддршка особено на малите и средни претпријатија, не само за надминување на кризата и обезбедување на постојните работни места, туку и за зголемување на платите и создавање нови работни места, која ќе треба да ги охрабри претприемачите да инвестираат во иднина, во иднината на нивните компании, но и во иднината на луѓето. За таа цел се планирани низа мерки и стимулации за нови вработувања, како што се: нула данок на добивка за секое лице вработено под 35-годишна возраст, а што се вработува за прв пат; покрај тоа, компанијата ќе добие стимул/подршка од 1500 евра за да им дадат можност на младите луѓе за прво вработување. За да се зголемат инвестициите, на малите и средни претпријатија, ќе им се доделат од 5000 до 10000 евра за да ја купат потребната опрема, а се во насока на обезбедување на еднакви можности во економијата и добро платени работни места за сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

