Македонија
ДУИ: Разрешувањето на Арбен Зибери поради неговото презиме зборува за латентната етничка омраза на македонските партии
ДУИ обвини дека разрешувањето на директорот на центарот за јавно здравје Скопје е срамен чин на политичка одмазда и латентна омраза кон Албанците.
„ Арбен Зибери секогаш им служеше на земјата и на своите граѓани со лојалност и посветеност и несомнено играше голема улога во управувањето со кризата со Ковид19. Додека министерот за здравство ги читаше извештаите подготвени од институцијата на Арбен Зибери, тој немаше скрупули да не ги следи наредбите на СДСМ да го отпушти својот вработен од еднострани причини.
Причината за неговото разрешување е повеќе од јасна, бидејќи се случи наскоро откако чичкото на Арбен Зибери призна дека се кандидира за премиер. Атакот на семејството на првиот албански кандидат за премиер е срам и неприфатлива акција. Тоа го покажува и менталитетот на македонските партии, кои според нив моќта им припаѓа само на Македонците, а Албанците немаат право да претендираат за премиер.
Разрешувањето е исто така јасен чин против слободата на говорот и чин на дискриминација, затоа што досега ниту еден не бил отпуштен од владата заради искажување на своето мислење на Фејсбук.
Без воопшто да се суди за содржината на фејсбук статусот на Зибери, сите знаат дека ако тоа би била вистинската причина, половина од министрите на СДСМ, вклучително и поранешниот премиер Заев, ќе требаше да бидат отпуштени неколку пати.
„ Едно Општество за сите“ не е ништо повеќе од маркетинг слоган за СДСМ. Позади оваа фасада, СДСМ не е ништо подобра од своите претходници со тоа што сè уште не ги прифаќа основните демократски принципи како што се слободата на говорот, еднаквоста и правото на немнозинските етникуми да го номинираат својот кандидат за премиер. За албанските граѓани, но и за граѓаните од други етникуми, како и за Македонците, ова неприфатливо дејствување на СДСМ е уште една причина зошто ни треба првиот премиер Албанец да донесе реални промени и еднаквост во Северна Македонија. Граѓаните ќе го дадат својот одговор на гласачките ливчиња“ се вели во реакцијата на партијата.
Од ДУИ вчера реагираа со соопштение, во кое ја осудија оставката на Зибери. Според партијата, се работи за освета и во функција на парламентарните избори.
„ Овој недоличен, брутален и популистички акт со елементи на етничко влијание и политичка одмазда е порака за сите Албанци, за целата Албанска дијаспора и сите други граѓани.
Ова постапување е неприфатливо бидејќи е мотивирано против семејството на Албанскиот кандидат за Премиер, затоа казната за овие антиалбански постапки ќе се даде на 15 јули од граѓаните на ова земја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

