Свет
Кина успешно тестира вакцина против Ковид – 19: Создадени антитела кај 100 отсто од волонтерите кои ја примиле
Кинеската компанија „Нешнл биотек груп“ објави денеска дека првите резултати од тестирањето на потенцијална вакцина против коронавирус врз луѓето укажуваат на тоа дека би можела да биде безбедна и ефикасна за употреба.
Како што пренесува „Ројтерс“, оваа експериментална вакцина довела до создавање високо ниво на антитела кај сите 1.120 лица кои ја примиле во текот на првата фаза на клиничките испитувања. Станува збор за втора вакцина на таа компанија која се покажа како ефикасна во раната фаза на тестирање на луѓето.
На кинеските компании и истражувачи им е одобрено да тестираат осум потенцијални вакцини дома и во странство, со што Кина е една од водечките земји во трката за развој на вакцина против коронавирус.
За да може која било вакцина да добие дозвола за излегување на пазарот, таа треба да се покаже како ефикасна во третата фаза на тестирање, во која нејзиниот ефект се тестира на илјадници луѓе, пренесува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ: Украина на крајот ќе мора да преговара, но од многу полоша позиција
Москва, чиишто сили се обидуваат да го преземат Покровск во источна Украина, ја обвини украинската страна дека одбива да учествува во мировни преговори, додека Киев смета дека условите на Русија се неприфатливи и претставуваат барање за капитулација.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија е отворена за политичко и дипломатско решение и дека го сака мирот, но ако тоа не е возможно, ќе продолжи да се бори за сопствената безбедност.
Песков додаде дека Украина на крајот ќе мора да преговара, но од многу полоша позиција, бидејќи позицијата на киевскиот режим се влошува секој ден.
ТАСС претходно објави дека Русија е подготвена за продолжување на мировните разговори во Истанбул. Последната средба меѓу делегациите се одржа на 23 јули и траеше само 40 минути.
Свет
Орбан по корупцискиот скандал: Парите за Украина ги краде воена мафија блиска до Зеленски
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека во Украина е разоткриена воена мафија која на илјада начини е поврзана со претседателот Зеленски. Тој потсети дека министерката за енергетика поднесе оставка, а главниот осомничен побегнал од земјата.
„Ова е хаосот во кој бриселската елита сака да фрли пари од европските даночни обврзници. Парите што нема да завршат на фронтот ќе ги украде воената мафија. Лудило“, напиша Орбан на Фејсбук. Додаде дека Унгарија нема да испраќа пари во Украина и дека тие подобро ќе се употребат дома.
Орбан рече дека Унгарија нема да прифаќа барања и уцени од украинскиот претседател.
Корупцискиот скандал во Украина опфаќа седуммина осомничени за шема од 100 милиони долари во енергетскиот сектор. На барање на Зеленски, оставки поднесоа министрите за правда Херман Галушченко и за енергетика Свитлана Гринчук. Истражителите ги претресоа домовите на Галушченко и на Тимур Миндич, ко-сопственик на „Квартал 95“ и поранешен деловен партнер на Зеленски, кој ја напуштил Украина непосредно пред избивањето на скандалот.
Регион
Истрага за странските викенд-снајперисти во Сараево: „Носеа пушки што личеа како за лов, ги таргетираа децата“
Обвинителството во Милано повторно ја активира истрагата за т.н. викенд-снајперисти – странци кои за време на опсадата на Сараево биле платени да пукаат врз цивили. Како дел од постапката, италијанските обвинители побараа увид во сведочењето на американскиот пожарникар Џон Џордан од 2007 година дадено пред Хашкиот трибунал.
Џордан тогаш изјавил дека видел вооружени мажи што не личеле на локални жители и дека биле придружувани од водичи. Тој опишал дека носеле комбинација од цивилна и воена опрема и пушки што личеле на ловечко оружје. Според него, снајперистите често ги таргетирале најмладите во семејствата – деца што оделе со возрасни или девојчиња.
Италијанското Обвинителство, предводено од обвинителот Алесандро Гобис, ја проширува истрагата и врз можни италијански државјани што учествувале во вакви злосторства. Во постапката се вклучени и документи од поранешната италијанска разузнавачка служба СИСМИ, која, според сведочења, имала сознанија за присуство на странски платеници во Босна и Херцеговина.
Истрагата се води за евентуално намерно убиство извршено со суровост и злобни мотиви, како и за идентификување на организаторите на викенд-турите и лицата што плаќале за учество.
Опсадата на Сараево траеше од април 1992 до февруари 1996 година, при што градот беше секојдневно изложен на гранатирање и снајперски напади.

