Економија
Молеровиќ: Во Македонија има премиум кадри, ние им нудиме можност за светска маркетинг-кариера

„Кога одлучив да се вратам од Америка, со целото семејство, за да ја отворам компанијата во Македонија, најголемата дилема ми беше дали ќе успеам да најдам искусни луѓе. Во Македонија немаше луѓе со искуство да менаџираат милионски суми на буџети за дигитален маркетинг. Но успешните луѓе ги имаат истите потенцијали секаде, во LeanSEM ние им ги даваме и истите можности за развој“- изјави за Телма Ненад Молеровиќ, основач на маркетинг-агенцијата LeanSEM.
Ненад Молеровиќ е Македонец кој се враќа од Америка каде што работел како дигитал маркетинг-директор во повеќе компании, меѓу кои и UpWork. Таму ја согледал потребата од премиум дигитал-маркетинг агенција, која ќе работи со дигиталните компании од Силициумската Долина, на начин каков се бара во 21 век. Се враќа во Македонија за да креира тим од маркетинг-експерти, кои би одговориле на овој предизвик. Така почнува приказната на LeanSEM, македонска маркетинг-агенција која веќе петта година успешно работи за компании од Калифорнија, поконкретно од Силициумската Долина.
Како дојде до идејата дека е потребна ваква агенција?
Како внатрешен човек во маркетинг-тимовите на UpWork и останатите компании, Ненад соработувал со повеќе маркетинг-агенции. Согледал дека еден маркетинг акаунт-директор кој има над 15 клиенти може да посвети максимум 2 часа во неделата на вашата компанија. Доколку сакате да растете брзо, имате сериозни буџети и сакате да видите резултати, тоа е премалку. Така доаѓа до идејата да создаде дигитал маркетинг-агенција каква што нема на пазарот. Агенцијата би работела само со премиум клиенти кои бараат сериозни резултати и посветеност, а тимот на LeanSEM би работел како нивен внатрешен тим. Ненад објаснува дека тие креираат концепт на работа преку кој клиентите од Калифорнија ќе го добијат и потребното внимание, а не само експертизата. „Наша конкуренција не се маркетинг-агенциите, туку интерните тимови на клиентите. Ние им ветуваме дека резултатите кои ќе ги добијат се подобри и од тоа да вработат цел интерен дигитал маркетинг-тим“ – изјави Ненад за Телма.
Денеска компанијата има над 50 клиенти и е во постојана потрага по најквалитетните маркетери, на кои им се дава шанса да се „натпреваруваат“ во светската „маркетинг-лига“. Главната алка на успехот на агенцијата се вработените, кои проактивно учествуваат во носењето одлуки. Меѓу нив е и Габи-Габриела Лазова – една од акаунт-директорите. Според Габи, тимот на LeanSEM е константно отворен за проширување. Во моментов отворени се неколку позиции за работа во LeanSEM, тие покрај маркетерите (кои постојано ги бараат), отвораат можност за вработување и за SEO-експерти и за веб-девелопери.
Според неа, тука може да очекувате сопствен професионален раст и развој навистина брзо. „Вработените можат да очекуваат дека вредноста то ја креираат за LeanSEM и за клинетите ќе биде соодветно наградена. Мислам дека тоа е особено важно за луѓето кои се зависни од резултати“.
Околу тоа што треба да имаат идните LeanSEM-маркетери, Ненад дополнува дека тоа се: работната култура, потенцијалот за оваа работа и, најважно, да бидете зависници од резултати – impact addicts.
Доколку сакате да аплицирате за работа во LeanSEM, погледнете ги отворените позиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.