Македонија
Мираковска од Гевгелија: Направивме многу повеќе од другите политичари за два живота

Вечерва Соња Мираковска се обрати од Гевгелија, градот кој како што напомена најдобро знае што значи да се биде во единаесетгодишна изолација.
„Навистина ми претставува огромна чест вечерва да бидам овде го Гевгелија, градот на слободоумни луѓе, градот на слободни луѓе кои точно знаат што значи ако една земја како нашата 11 години затворена, и што значи сега после две и пол години владеење на оваа коалиција на чело со социјалдемократскиот Сојуз. Еден евро пратеник вели, „дали знаете што направивте за овие две и пол години? Вие направивте повеќе од многу други политичари за два живота”. Тоа за мене беше големо признание. Влеговме во НАТО. На пат сме да влеземе и во Европската Унија“, рече таа.
Осврнувајќи се на пандемијата, Мираковска истакна дека дури и во криза многу често луѓето знаат да најдат нешто добро.
„Во оваа криза ние се сплотивме заедно почнавме да размислуваме каква ќе биде нашата иднина. Оваа влада донесе огромен сет на мерки со што околу 12о илјади граѓани останаа на своите работни места. Минималната плата која беше поделена на над 30.000 фирми, 11.000 стопанственици е голема помош. Научивме многу како да го одржиме функционален здравствениот систем, и тоа го направивме. Многу други земји признаа дека ние добро се справуваме со пандемијата од КОВИД-19“, порача Мираковска.
Во однос на правдата, Мираковска рече дека ќе се испита потеклото на имотот и ќе се направи ветинг на судиите, и потенцираше дека оние судии кои ги застареа предметите, по автоматизам мора да заминат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потпишан нов Колективен договор, 20 проценти покачување на платите за вработените во јавните установи за социјална заштита

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ), претставуван од претседателот Трпе Деаноски, како и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), претставуван од претседателот Јаким Неделков, од другата страна, денес официјално го потпишаа Колективниот договор за вработените во јавните установи за социјална заштита.
„Со овој Колективен договор се овозможува зголемување на платите за 20% за сите вработени, вклучително и за директорите на јавните установи за социјална заштита, што претставува значаен чекор кон подобрување на нивниот материјален статус и мотивација за професионално извршување на одговорните задачи.
Покрај финансиските бенефиции, договорот ги унапредува и правата од работен однос, ги засилува механизмите за заштита на работниците и го продлабочува социјалниот дијалог меѓу Владата и синдикатите.
Ова е признание за трудот, посветеноста и хуманата мисија на сите вработени во системот на социјална заштита. Верувам дека со подобри услови за работа, ќе обезбедиме и подобри услуги за граѓаните”, истакна Лимани по потпишувањето.
Македонија
Злато во багаж и ботокс во торба запленети на граница

Царинската управа информира дека при контроли на неколку гранични премини се спречени обиди за криумчарење различни производи, меѓу кои златен накит, ботулински токсин, суплементи, цигари и обувки со заштитен знак.
На граничниот премин Богородица, мобилен царински тим заплени златен накит тежок 304 грама и вреден околу 1,3 милиони денари. Две патнички со македонско државјанство, кои патувале на релација Турција – Македонија, се сомничат за криумчарење, а против нив ќе бидат поднесени кривични пријави.
На Деве Баир, цариници открија 210 вијали ботулински токсин (DYSPORT и MASPORT 500) во патна торба на патник кој пристигнал со автобус од Истанбул. Супстанцата, која е под строг режим на увоз, била запленета, а лицето ќе биде кривично пријавено.
На Меѓународниот Аеродром Скопје, кај холандски државјанин се пронајдени 2.580 капсули суплементи „Afye“, скриени во куфер. Лицето се обидело да ја избегне контролата користејќи го зелениот канал.
При контрола на камион на Табановце, биле откриени 144 делови за земјоделски машини скриени во торби во кабината.
На Богородица, во фабричка празнина под приколката на празен камион-кипер биле пронајдени 21 штека цигари.
На преминот Дојран, запленети се 128 пара обувки со ознаки на заштитени трговски марки, пронајдени во товарно моторно возило натоварено со стока од Турција наменета за увозник од Косово.
На Аеродром Скопје, при контрола на пратка од Дубаи, биле откриени 74 ремчиња за смарт часовници кои не биле пријавени во царинската документација. Стоката е запленета, а ќе биде поведена соодветна постапка против увозникот.
Македонија
Синдикатот на новинарите бара зголемување на минималната плата: социјалниот статус на медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во време на општата дебата за висината на минималната плата недвосмислено е за зголемување на минималната плата. Ставот на ССНМ, како што појаснуваат, кореспондира со актуелните барања на дел од синдикатите и вели дека покачувањето е повеќе од ургентно. Корекцијата, како што напоменуваат е неопходна поради тоа што моменталната висина на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници, чии интереси ги застапува ССНМ.
„Владата и синдикатите преговараат за финансиска иднина на работниците, иднина во која новинарите и медиумските работници не смеат да бидат одминати. Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат
примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон. Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а се повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување.
Социјалниот статус на новинарите и медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво, а праксата досега покажала дека тој директно влијае врз степенот на мотивација, професионалност и посветеност што не смее да биде под знак прашање за тие што водат сметка за јавниот интерес во државата. Притоа нагласуваме дека во оваа професија неретко се случува луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што најексплицитен пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на по три работни позиции, најчесто на минималец, кој е, како што истакнавме, под секое ниво за достоинствен живот“.
Синдикатот на новинарите и медиумските работници кој претставува голем дел од вработените во овој сектор, бара и очекува од Владата и работодавците решение кое е во согласност со потребите на членството, што би значело висина на минималната плата на ниво на платите на колегите од земјите од регионот.
Пристојни плати на новинарите и медиумските работници значат и професионално новинарство, независно од центрите на моќ, и чувар на јавниот интерес и слободата на медиумите и изразувањето, велат од ССНМ.