Економија
Славески: Ќе обезбедиме еднократна парична помош за лицата со ниски примања, невработените и оние кои изгубиле работа
Ќе ги реализираме во целост капиталните иневстиции и во првите 100 дена ќе обезбедиме еднократна парична помош за лицата со ниски примања, невработените и оние кои изгубиле работа, изјави денеска на прес-конференција, Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, презентирајќи дел од преодната стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за справување со здравствено-економската криза, кој се однесува на мерки поврзани со консолидирање на јавните финансии и финансиско консолидирање на земјата, како и мерки кои се однесуваат на финансиска поддршка за граѓаните кои на некој начин се погодени од кризата.
„Во изминатите неколку месеци бевме сведоци на низок капацитет на Владата во менаџирањето со јавните финанасии за што говори податокот дека во првите 5 месеци од годината имаме буџетски дефицит од 307 милиони евра, од кој само во мај буџетскиот дефицит изнесува 110 милиони евра. Според проекциите на МФ годинава ќе ја завршиме со буџетски дефицит од 750 милиони евра што ќе го приближи јавниот долг на Република Македонија до 60% од БДП на земјата. Она што е позагрижувачки е тоа што најголем дел од овие трошења се за непродуктивни цели, а многу помалку за справување со кризата“, оцени Славески.
Како што рече, поради сето ова е потребна сериозна консолидација на јавните финансии што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја направи веднаш по формирањето на новата Влада.
„За таа цел ќе подготвиме итен ребаланс на буџетот со кој ќе се изврши целосно кратење на сите непродуктивни и неприоритетни трошоци кои не се во насока на справување со кризата и немаат дополнителна додадена вредност за економијата; Ќе се подготвиме план за реализација на сите планирани капитални инвестиции за 2020 година со цел стимулирање на домашната економија преку поддршка на градежниот сектор и сродни на него сектори; Дополнително, во буџетот за 2021 година ќе бидат планирани капитални инвестиции во износ поголем од 3,5% од БДП. Исто така, ќе се разгледа можноста за натамошно одложување на кредитните обврски за оние граѓани кои сè уште ги чувствуваат ефектите од кризата и евентуално олеснување на кредитните услови за нив. Државата ќе ја разгледа можноста за покривање на дел од трошоците за камата за најзагрозените граѓани до крајот на 2020 година“, нагласи Славески.
Тој ветува дека доколку ВМРО-ДПМНЕ ја добие довербата на гласачите ќе обезбеди сериозна поддршка за сите граѓани кои на некој начин се погодени од оваа економска криза. Мерката која се однесува на еднократна парична помош за една ограничена категорија на граѓани преку платежни картички е проблематична од повеќе аспекти, смета Славески. Во таа насока го наведува временскиот момент за нејзино имплементирање непосредно пред избори, алудирајќи на намерите, односно, дали истата е креирана вистински да се помогне на нашите граѓани или да се манипулира предизборно со нив. Второ, вели Славески, таа е технички проблематична за што потврда се негативните реакции на голем број граѓани за нефункционалноста и неприменливоста на системот. Трето, дискутабилно е селектирањето и ограничувањето на потенцијалните корисници на еднократната помош.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека поддршката треба да биде многу посеопфатна, па затоа предвидуваат обезбедување дополнителна еднократна парична помош во висина од 100 евра за сите вработени лица во државата чии примања не надминуваат 15.000 денари. Понатаму, обезбедување еднократна парична помош во висина од 150 евра за сите невработени лица кои не добиле помош со мерката за национални платежни картички. Обезбедување еднократна парична помош во висина од 200 евра за сите лица кои ги изгубиле своите работни места поради кризата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонски производи во износ од 15,5 милиони евра извезени преку мрежата на Лидл во 2025 година
Извозот на македонски производи во 2025 година преку продажната мрежа на Лидл достигна 15,5 милиони евра, што е јасен показател за извозниот потенцијал на домашните производи и можноста за пласман на европските пазари што ја нуди Лидл. Ова претставува огромен раст, во споредба со 5 милиони евра извоз во 2024 година и 570 илјади евра во 2023 година.
Странските пазари најголем интерес покажаа за трпезното грозје, од кое беа реализирани приходи од 3,3 милиони евра, а имаше најголем пласман во Полска. Одлични резултати имаше и од извозот на јагнешко месо во Бугарија, чија продажба донесе прилив од 2,2 милиони евра.
Дека свежото овошје и зеленчук се еден од домашните извозни адути покажа податокот според кој од вкупниот износ од 15,5 милиони евра, во минатата година беше реализиран извоз од 5 милиони евра. Преку мрежата на Лидл се извезени 15 вида од овие земјоделски култури, од преку десет добавувачи. Петте најизвезувани производи беа грозје, зелка, пиперка, моркови и домати, кои одлично поминаа во Бугарија, Германија, Романија, Полска, Словачка, Србија, Чешка и други земји. Во рамки на редовниот извоз од 7 милиони евра доминираа конзервираните производи, со остварени продажби во странство од 5,8 милиони евра, по што следуваат кондиторските, млечните производи, како и виното и пијалаците.
„Постои голем потенцијал за извоз на македонските производи. За нас во Лидл е успех што можеме да ги поддржиме и да бидеме мост за македонските производи кон европските пазари. Постојано соработуваме со производители од земјава и сме особено горди што на десетици компании можеме да им помогнеме во процесите на сертификација, зголемување и унапредување на капацитетите за производство и да овозможиме извоз на европските пазари“ изјави Стефан Георгиев, комерцијален директор на Лидл Северна Македонија.
Преку иницијативата „Македонска недела“, Лидл во претходните две години организираше 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со понуда на над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Лидл се позиционира како сериозен и значаен партнер на македонската економија, со мерливи резултати во извозот на домашни производи и конкретна поддршка на домашните компании. Со отворањето на маркети низ целата земја компанијата очекува зајакната соработка со домашните производители, со цел на потрошувачите да им понуди широк спектар на квалитетни производи по пристапни цени.
(ПР)
Економија
Забрзување на енергетската транзиција: Јасен план и координиран пристап – одржан состанок на JETIP Инвестициската платформа
Денеска се одржа четвртиот координациски состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP – Just Energy Transition Investment Platform), на кој клучните актери разговараа за напредокот во политиките, планирањето и регулаторните реформи што ја поддржуваат праведната енергетска транзиција на Северна Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, истакна дека во изминатиот период Министерството е фокусирано на зајакнување на политичките и планските основи неопходни за ефективна имплементација на Инвестициската платформа.
Во таа насока, подготвени се два Годишни планови за развој на енергетскиот сектор за 2025 и 2026 година, усогласени со приоритетите на праведната транзиција, кои обезбедуваат јасна краткорочна рамка за реализација на проектите и подготвеност за инвестиции.
Паралелно, Националниот план за енергија и клима ја заврши фазата на јавни консултации и влезе во завршна фаза на финализација. НЕПК ги обединува целите за декарбонизација, развојот на обновливите извори на енергија и потребите за флексибилност на енергетскиот систем, со посебен фокус на регионите погодени од транзицијата од јаглен. По неговото усвојување, Планот ќе претставува стабилна основа за јавните и приватните инвестициски одлуки.
На регулаторен план, во завршна фаза е и подготовката на Законот за обновливи извори на енергија, со чијштоo усвојување ќе се создадат услови за значително забрзување на инвестициите и исполнување на целите за декарбонизација.
Овие активности не претставуваат изолирани реформи, туку овозможувачки чекори за реализација на проектната рамка на Инвестициската платформа.
Владата уште еднаш ја потврди својата силна посветеност на праведната енергетска транзиција, поддржувајќи ја Инвестициската платформа како клучен механизам за координација, инвестиции и забрзана имплементација на реформите.
Економија
НБРМ: Усвоен Кварталниот извештај, макроекономските движења во согласност со очекувањата на Народната банка
Советот на Народната банка, на седницата одржана на 3 февруари 2026 година, го усвои Кварталниот извештај, во кој се наведува дека макроекономските показатели упатуваат на стабилни остварувања во најважните сегменти на економијата и во најголем дел се во согласност со октомвриските проекции на Народната банка. Домашната инфлација очекувано забави под влијание на забавувањето на базичната инфлација, а домашната економската активност умерено забрза. Банкарскиот сектор и натаму остварува солиден раст на депозитната база и кредитната активност, а девизните резерви се задржуваат на соодветно и сигурно ниво.
Народната банка продолжи со унапредувањето на својот оперативен инструментариум заради поддршка на ефикасното спроведување на монетарната политика. Во последниот квартал од 2025 година, таа изврши приспособување на оперативната монетарна рамка заради подобрување на управувањето со ликвидноста и зајакнување на монетарната трансмисија. Со измените се става посилен акцент на инструментите со пократок рок на достасување и на почестите операции, што овозможува поефикасно пренесување на монетарните сигнали до краткорочните каматни стапки на пазарот на пари, без да се менува поставеноста на монетарната политика.
Во Кварталниот извештај се наведува дека во четвртото тримесечје од 2025 година годишната стапка на инфлација изнесуваше 4,2%, што претставува очекувано забавување. Инфлацијата за целата 2025 година, во просек, изнесува 4,1%, што е близу до октомвриските согледувања. Според октомвриските оцени, за 2026 година и на среден рок се очекува забавување на инфлацијата и постепено враќање кон историскиот просек. Сепак, и понатаму постојат одредени ризици, при што главните извори на неизвесност се поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, геополитичките тензии и процесите на трговска фрагментација, како и со одредени домашни фактори што влијаат врз побарувачката.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот годишен раст на бруто домашниот производ забрза и од 3,5% во претходното тримесечје се искачи на 3,8%, што е малку повеќе од оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Според основното сценарио од октомври, за целата 2025 година се очекува забрзување на економскиот раст којшто би изнесувал 3,5% (3,0% во 2024 година), а во 2026 година, како и на среден рок дополнително би се засилил и би достигнал 4,0%.
На крајот на 2025 година, нивото на девизните резерви достигна 4.920,5 милиони евра и според сите релевантни показатели, обезбедува соодветна поддршка за одржување на стабилноста на домашната валута.
Податоците од монетарниот сектор укажуваат на натамошна солидна кредитна поддршка за економијата и зајакнување на депозитната база на банките. Во четвртиот квартал од 2025 година, годишниот раст на вкупните кредити изнесуваше 13%, при годишен раст и на депозитите од 10%, што е малку над нивото проектирано за крајот на годината.
На седницата, Советот на Народната банка разгледа и други точки поврзани со тековното работење на Банката.

