Македонија
Само со редовна имунизација може да се зачува јавното здравје
Вакцините како ефикасна алатка за подобро јавно здравје се императив во политиките на Министерството за здравство и Владата. Таа е признаена како една од најуспешните превентивни здравствени мерки во светот. Со вакцинација, се создава отпорност на организмот кон заболувања, соопшти Министерството за здравство.
„Во оваа насока, во 2019 година се воведоа две нови вакцини во kалендарот за имунизација. Станува збор за вакцини за заштита од пневмокок и рота вирус. Овие две вакцини ги штитат најмладите пациенти од инфекции што се чести во детската возраст, особено кај деца кои посетуваат градинки.
Претходно прележана пневмококна инфекција не значи заштита од идни пневмококни болести, и токму затоа вакцината е најдобра заштита која спречува развој на симптоми на заболувањето и се намалува потребата од престој во болница. Вакцината за рота вирус, пак, се дава на возраст од 2, 4 и 6 месеци и со неа се вакцинираат само новороденчиња.
Минатата година успешно се справивме со епидемијата од морбили (мали сипаници). Навремените мерки и активности придонесоа да се достигне опфат на вакцинација со МРП-вакцина од 98% во цела држава. Од почетокот до одјавувањето на епидемијата, вкупно се вакцинираа 49.332 и со ова се исполни препораката на Светската здравствена организација.
Сите вакцини кои се користат во здравствените домови низ земјава се од реномирани производители од земји на Европската Унија (Франција, Белгија, Бугарија), одобрени од СЗО и ги исполнуваат сите потребни стандарди. Редовната имунизација создава колективен имунитет, а невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици. Само со редовна имунизација можеме да го зачуваме јавното здравје“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

