Македонија
Запленети девизи, златни монети и накит
Во текот на минатите две недели царинските службеници открија три обиди за нелегално изнесување на готовински платежни средства од државата, еден обид за криумчарење златни предмети, еден обид за внесување фалсификати и еден обид за криумчарење мигранти.
Притоа привремено се задржани:
Девизи
– 25.000 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на српски автомобил и личен претрес на двајца српски државјани кои со возилото се пријавиле за излез од државата, на граничниот премин Богородица. Кај двајцата патници биле пронајдени по 10.000 евра, додека во кутијата за прва помош, сместена во багажникот на возилото, биле пронајдени уше 25.000 евра, за кои возачот изјавил дека се негова сопственост. Согласно законските прописи, на патниците им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
– 20.000 евра, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Богородица.
Во првиот случај, при личен претрес на грчки државјанин кој, управувајќи грчки автомобил, се пријавил за излез од државата, во предните џебови од неговите панталони биле пронајдени 20.000 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а 10.000 евра биле привремено задржани.
Во вториот случај, двајца босански државјани, кои со босански автомобил се пријавиле за излез од државата, пријавиле дека со себе носат 20.000 евра, но при извршениот личен претрес кај возачот биле пронајдени 20.000 евра, а кај сопатничката, сопруга на возачот, биле пронајдени уште 10.000 евра.
Согласно законските прописи, на патниците им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а 10.000 евра биле привремено задржани.
Во двата случаи, против двајцата возачи се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.
Златни монети и накит
– 56 златници и 5 парчиња златен накит, со вкупна маса од 429 грама, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил со кој за излез од државата на граничниот премин Блаце се пријавиле двајца сопружници, македонски државјани. Непријавените златници и златниот накит биле откриени во еден сошиен чорап, сместен во несесер, и во алуминиумска фолија, сместена во паричник, пронајдени во чантата на сопатничката. Истите се привремено задржани, а случајот е предаден на Одделението за истраги при Царинската управа, за понатамошно постапување.
Делови за багер
– 1 употребуван ладилник за багер, откриен при контрола на стока со потекло од Албанија, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Струга. Непријавениот ладилник, кој не бил опфатен со царинската декларација, е привремено задржан, а против увозникот ќе биде поведена соодветна постапка
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 336 пластични капачиња и 149 пластични стикери за бандажи со лого на заштитени трговски марки, откриени во царинската подружница Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење, при контрола на брза пратка од Хонгконг, наменета за физичко лице од Скопје. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуалана сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските одредби ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.
Мигранти
Во царинската подружница Скопје 3, возач на ирански камион паркиран во терминалот пријавил дека слушнал човечки гласови од приколката кои повикувале за помош. Преку Дежурниот царински центар биле известени мобилните царински тимови, кои по пристигнувањето на терминалот извршиле контрола на приколката, при што биле пронајдени 6 илегални мигранти. Според нивните изјави, петмина биле државјани на Бангладеш, а еден бил државјанин на Пакистан.
Мигрантите биле предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.

