Свет
Борис Џонсон го предупреди Израел да не наметнува суверенитет на Западниот Брег
Британскиот премиер, Борис Џонсон, во колумна во најтиражниот израелски весник „Једиот Ахронот“ му порача на Израел дека треба да ги прекине плановите за проширување на израелскиот закон за делови од Западниот Брег и долината на Јордан, предупредувајќи дека Лондон нема да признае какви било промени во постојните граници.
„Анексијата би претставувала кршење на меѓународното право. Исто така, тоа би било подарок за оние кои сакаат да ги овековечат старите приказни за Израел“, пишува Џонсон во колумната и додава:
„Длабоко се надевам дека анексијата нема да се случи. Ако сепак се случи, Велика Британија нема да признае какви било промени во линиите од 1967 година, освен оние што се договорени меѓу двете страни“.
Поддржувачите на плановите на израелската влада велат дека зачувувањето на еврејските населби во Западниот Брег е од суштинско значење за, а примената на суверенитетот во долината на Јордан е клучна ако Израел се надева дека ќе има минимално заштитена источна граница.
Т.н. „визија за мир“ на администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, предвидува Израел да анектира 30 отсто од Западниот Брег и долината Јордан. Исто така, таа предвидува демилитаризирана палестинска држава основана на поголемиот дел од Западниот Брег со делови од источен Ерусалим кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда како нејзин главен град.
Иако планот е контроверзен во меѓународните дипломатски кругови, на терен има поддршка меѓу оние кои бараат да се ослободат од корумпираната Палестинска самоуправа.
Ако Израел продолжи со планот, палестинското раководство предупреди дека еднострано ќе прогласи држава заснована на линиите од пред 1967 година. Јордан предупреди на масовен конфликт, предизвикувајќи загриженост дека дури може да го откаже својот мировен договор со еврејската држава.
Неколку европски држави исто така ги предупредија и Израел и САД против овој потег, а сега им се придружи и Борис Џонсон.
„Анексијата ќе го загрози напредокот што Израел го постигна во подобрувањето на односите со арапскиот и муслиманскиот свет“, рече Џонсон, повикувајќи на решение што ќе овозможи правда и безбедност и за Израелците и за Палестинците.
Џонсон ја поздрави посветеноста на Трамп да најде начин за напредок, но додаде: „Со жалење ги следев предлозите за анексија на палестинската територија“.
Тој стравува дека овие предлози нема да успеат да ги обезбедат границите на Израел и ќе бидат во спротивност со долгорочните интереси на Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

