Македонија
Хоџа: Секогаш кога им слабее поддршката, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поттикнуваат тензии

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат реторика што ни ја враќа меморијата од владеењето на режимот, изјави генералниот секретар на Движењето Беса, Арјанит Хоџа.
Секогаш кога ќе ослабнат, вели Хоџа, тие го обновуваат политичкиот фолклор, популизмот и јазикот на поделба, омраза и поттикнувањето тензии.
„Граѓаните добро го препознаваат ваквиот вид манипулација наметнат од страна на поранешниот режим и од секоја средба со нив, ние сме помотивирани и уште повеќе сме убедени дека коалицијата ‘Можеме’ е подобра, побезбедна и покорисна опција за државата и општеството. Оние што денес продаваат патриотизам, мораме да ги потсетиме за спомениците, стиропорните фасади, прислушувањата, политички монтираните случаи, нерасчистените случаи на корупција и криминал и, што е најважно, мора да запомниме колку млади ја напуштија земјата, токму затоа што режимот на ВМРО-ДУИ им ја уби надежта и ги остави без никаква перспектива и ги натера да ја напуштат државата“, вели генералниот секретар на Беса.
Тој истакна дека коалицијата „Можеме“ спроведува позитивна кампања и за разлика од опонентите, за време на средбите со граѓаните се придржуваат до здравствените препораки.
„За разлика од другите политички партии кои немаат јасна политичка понуда, се служат со фолклорна реторика и популизам, па дури и го загрозуваат здравјето на граѓаните со тоа што не ги почитуваат препораките на здравствените институции за одржување дистанца и носење маски, а за разлика од нив, ние нудиме инклузивна програма, заснована врз конкретните потреби и барања на граѓаните. Ние дневно одржуваме многу средби, директно се среќаваме со граѓаните, го слушаме нивниот глас и нормално се грижиме да не го загрозиме нивното здравјете. Придржувањето кон здравствените препораки за одржување дистанца и носење маски е многу поважно од која било политичка агенда, здравјето на граѓаните е поважно од какво било масовно собирање без маски и социјална дистанца“, додаде Хоџа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Анализа на вода, ограничување на ученици и мерење на загадувањето – Министерството за животна средина по пожарот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Институтот за јавно здравје, Кризниот штаб на Владата и Државниот инспекторат за животна средина, ја информира јавноста дека се преземени итни мерки за заштита на здравјето на граѓаните поради пожарот што настана во магацинот за електронски отпад во Трубарево.
Согласно препораките од Државниот инспекторат за животна средина, се преземаат следните активности:
• До Институтот за јавно здравје е доставено барање за извршување на анализа на вода од бунари што ги користат домаќинствата во непосредна близина на опожарениот магацин;
• Министерството за животна средина и просторно планирање издаде забрана за пристап и движење на локацијата на пожарот;
• Во наредните 7 дена, акредитирана лабораторија ќе врши 24/7 мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух;
• До Основното општинско училиште „Крум Тошев“ во Трубарево е испратена препорака за ограничување на движењето на учениците на отворен простор сè до стабилизирање на состојбата.
Апелираме до граѓаните внимателно да ги следат официјалните соопштенија и да ги почитуваат насоките од надлежните институции со цел заштита на сопственото здравје и здравјето на нивните најблиски.
Македонија
Бујар Османи: Изет Меџити мора да си поднесе оставка

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска упати остри критики до актуелниот министер за животна средина Изет Меџити, обвинувајќи го дека не само што ги користи државните ресурси за сопствена кампања, туку и директно го загрозува здравјето на граѓаните со својата неактивност.
„Двапати размислував дали денес треба политички да зборувам. Но не можам да не кажам: најпрво, сметам дека тој требаше да поднесе оставка уште истиот ден кога се кандидираше, за да биде натпреварот еднаков“, изјави Османи.
Тој потенцира дека Изет Меџити, наместо да ја напушти функцијата кога влезе во изборна трка, остана министер со полн капацитет и буџет на располагање, нешто што, според Османи, е длабоко неморално и нефер.
„Се кандидира со платата на министер и прави кампања во Чаир со ресурсите на министерството“, предупреди Османи.
Но, Османи додаде дека сега постои уште посериозна причина за оставка, неспособноста да се справи со еколошка и здравствена криза каква што се случи вчера во Трубарево, кога цело Скопје беше обвиено со токсичен чад од горење на пластика и кабли.
„Со тоа што не ја врши работата за која е платен од граѓаните, и обидувајќи се политички да преживее, тој го загрозува здравјето на луѓето и тоа не само привремено, туку со долгорочни последици“, нагласи Османи.
Во ситуација кога јавноста со право очекуваше реакција, инструкции и информации од Министерството за животна средина, Изет Меџити не се појави ниту пред јавноста, ниту на терен, додека граѓаните во Трубарево мораа да се евакуираат доцна во ноќта, а целиот град се задушуваше во отровен чад.
„Затоа ова е и повик за неговата оставка“, заклучи Османи. „Тој покажа дека не ја врши својата работа како што треба, го загрозува здравјето на луѓето, а притоа ги злоупотребил државните ресурси за изборна кампања.“
Македонија
Митева: Нема лица од Трубарево кои доброволно се евакуирале во Центарот за обука

Иако Центарот за обука на МВР беше отстапен за сместување на жителите од Трубарево кои живеат во близина на складиштето за електронски отпад каде што вчера избувна пожар, до денес таму нема доброволно евакуирани граѓани.
Информацијата ја потврди портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција.
„Во делот на евакуацијата, пред почетокот на прес-конференцијата разговарав со министерот за внатрешни работи и информациите коишто ги добив се дека нема лица кои доброволно се евакуирале во Центарот за обука. Дали е состојбата променета во овие час и половина, немам информација“, рече Митева.
Министерот Панче Тошковски синоќа им препорача на оние кои се во непосредна близина да ги напуштат своите домови, повикувајќи се на мерења на квалитетот на воздухот кои покажале дека во непосредна близина до 150 метри од опожарените складишта има високо ниво на штетни супстанци и состојбата се смета за високоризична.