Македонија
Жбогар: Охридското Езеро треба да го зачувате за идните генерации, а не да го уништите
Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, му даде поддршка на градоначалникот Константин Георгиевски во справувањето со дивоградбите во Охрид. Тој упати и апел до жителите дека предците не го оставиле Охридското Езеро за тие да го уништуваат. Евроамбасадорот Жбогар посочи дека справувањето со нелегалните градби ќе покаже дали има владеење на правото.
„Во Охрид сум за да помогнам самиот град да го задржи статусот на УНЕСКО, меѓутоа и да се заштити тој статус, т.е. Охридското Езеро. Јас разбирам и гледам дека има поединци во Охрид и околината на градот што не се грижат за статусот на УНЕСКО, што градот ги има, туку на прво место им се приватните интереси. Верувам дека мнозинството граѓани во Охрид навистина се грижат за зачувување и заштита на езерото за идните генерации. Вашите предци не ви го оставија градот Охрид, ниту Охридското Езеро за вие да го уништите, туку да го оставите за идните генерации. Јас разбирам дека има луѓе во Охрид што веруваат дека УНЕСКО-статусот не донесе никаква дополнителна вредност за градот“, рече Жбогар.
Евроамбасадорот очекува градоначалникот и Општина Охрид да го спроведуваат законот и да ги отстранат нелегалните градби.
„Главната цел на мојата денешна посета во Охрид е да ја дадеме нашата поддршка на градоначалникот Георгиевски и на Општината за нивните напори да го спроведуваат законот против нелегални градби. Исто така, да ги поддржиме напорите на градоначалникот да спроведе владеење на правото. Од друга страна, прашањето на нелегалните градби и прашањето на узурпација на самите плажи е прашање што е поврзано директно со владеењето на правото. За нас, како Европска Унија, прашањето за владеењето на правото е една од главните вредности, една од најсветите вредности и ние во овој контекст очекуваме дека една земја, која ќе почне преговори со ЕУ, треба и да ги сподели истите вредности“, додаде Жбогар.
Тој најави и поддршка за изготвувањето на стратегијата за развој на туризмот, со чија помош ќе може да се продолжи туристичката сезона во Охрид.
„Со градоначалникот зборувавме и за неговите планови за да се изготви стратегија за развој на туризмот. Ние како ЕУ сме спремни да ги поддржиме тие напори за да се изготви таа стратегија. Европската Унија е подготвена да помогне и во спроведување на стратегијата. Се разбира, со цел да се привлечат повеќе туристи во Охрид, да потрошат повеќе пари и да се даде друга можност за развој и продолжување на туристичката сезона, што ќе им помогне на граѓаните да живеат тука наместо да мигрираат“, потенцира тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

