Економија
Висок поврат на ДДВ за фирмите: 206 милиони евра во прво полугодие и покрај кризата
Во првото полугодие од 2020 година извршен е поврат на ДДВ кон фирмите од 12,7 милијарди денари или 206,5 милиони евра, што е за 6% повеќе во однос на лани или за 660 милиони денари повеќе. Ова највисок поврат на ДДВ за овој период во изминатите години, што е значајно особено ако се земе предвид Ковид-19 кризата, соопшти Министерството за финансии.
Споредбено со претходните две години, повратот е значително повисок. Така ако се спореди првото полугодие од 2020 со истиот период во 2018, повратот е повисок за 26% отсто, додека во споредба со 2017 повратот е повисок за високи 44%.
Повратот на ДДВ кон фирмите во услови на корона-кризата е од големо значење, заради зачувување на ликвидноста на стопанството, а со тоа и поттикнување и поддршка на економската активност.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, вчера, презентирајќи го извршувањето на буџетот за првото полугодие од 2020, истакна дека приоритет за Министерството е да ги сервисира сите свои обврски редовно и навремено.
„Целта на Министерството за финансии е да обезбеди континуирано извршување на буџетот, без застој, во законски утврдените рокови: вработените да земат плата, социјално загрозените да ги добијат навремено своите надоместоци, фирмите редовно да ги наплаќаат своите побарување кон буџетските коирсници, да нема заостанати обврски, како и навремен поврат на ДДВ кон фирмите. Тука се и мерките за Ковид, поддршка која државата ја дава на граѓаните и фирмите, во согласност со можностите, преку домашната платежна картичка, преку субвенционираните плати и придонеси, преку одложувањата на плаќањата на даночните обврски. Останува обврската и одговорноста на државата да ги обезбеди и испорачува јавните добра и услуги до сите, особено сега, во овие тешки времиња“, рече Ангеловска.
Инаку, минатата 2019 година фирмите добија поврат на ДДВ од 402 милиони евра или за 7,5% повеќе во однос на 2018 година или дури 44% повеќе во однос на 2016 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
По 13 години пауза, продуктоводот Солун – Скопје подготвен за работа: завршени сите технички контроли
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на завршната техничка контрола и верификација на мерниот систем на продуктоводот преку кој ќе се транспортира дизел гориво од Рафинеријата во Солун до Рафинеријата ОКТА во Скопје. Со успешно реализираната проверка се потврдени исправноста, прецизноста и целосната функционалност на системот, со што се исполнети сите технички и контролни предуслови за негово ставање во употреба. Со ова, продуктоводот повторно започнува со работа по 13 години прекин, претставувајќи значаен чекор кон зајакнување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати и модернизација на енергетската инфраструктура.
Проверката беше спроведена од страна на Бирото за метрологија, со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, а во присуство и на преставници од царинската служба. Заедно со овластените и стручни лица од Бирото, тие ја проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и согласно највисоките стандарди.
Божиновска истакна дека техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.
„Ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати. Прецизното мерење, контролата и меѓународната верификација значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата“, нагласи Божиновска.
Продуктоводот, пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел гориво. Станува збор за систем во должина од 213,5 километри.
Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 м³ во Грција и 30.000 м³ во Северна Македонија, како и современ SCADA систем за следење на притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.

