Свет
Еден мртов, шестмина ранети во серија престрелки низ Њујорк

Едно лице загина, а шестмина се повредени по серијата престрелки низ Њујорк, пренесува „Њујорк пост“.
Престрелката почнала синоќа околу 19 часот во Браунсвил, Бруклин, кога е убиен 20-годишен маж, а 36-годишна жена е повредена во пукање на авенијата „Њу лотс“, соопштија полицијата. Мажот бил застрелан во главата, а жената била погодена во раката и торзото. Двете жртви биле однесени во болницата „Брукдејл“, каде човекот починал.
Во втора престрелка во 22:30 часот во Канариси, Бруклин, 34-годишен маж се здобил со прострелна рана во ногата, соопштија властите. Тој бил однесен во блиската болница и се очекува да преживее.
Околу 23 часот во Источен Харлем се застрелани две лица, 26-годишен маж и 24-годишна жена, соопштија полицијата. Мажот бил погоден во ногата, а жената имала куршуми во торзото и ногата. Двете жртви се хоспитализирани.
Околу пет минути подоцна, еден 19-годишен маж бил застрелан во својот автмобил на авенијата „Френклин“ и е хоспитализиран во болницата во округот Кингс.
Нешто по 23.30 часот во Фар Рокавеј, 27-годишен маж е застрелан во торзото, соопшти полицијата. Тој бил однесен во епископската болница „Свети Јован“.
Полицијата засега нема осомничени или уапсени во врска со престрелките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.