Македонија
Филипче: Охридската болница е позната по својата експертиза
Министерот за здравство, Венко Филипче, ја посети Општата болница во Охрид, каде што оствари средба со директорот и вработените во оваа јавно-здравствена установа. Тој ја истакна експертизата и искуството на медицинскиот персонал во многу области и нивниот успех во третманот на огромен број пациенти во сите изминати години.
„Болницата во Охрид е еден од регионалните центри. Уште на самиот почеток се одвои еден дел од болницата, но и експерти, специјалисти, инфектолози кои ќе работат со ковид-пациенти. Имаме секојдневна комуникација во однос на трансферот и префрлувањето на пациентите по потреба од една во друга болничка установа, како и трансфер на пациенти во клиниките во Скопје, се разбира за оние потешки случаи. Сакам да им изразам голема благодарност и да упатам честитки пред сé затоа што многу брзо се престроија за време на почетокот на оваа криза, нешто за што ниту еден здравствен систем во светот не очекувал, не бил подготвен дека ќе се случи. Ние покажавме дека можеме за многу кратко време со таква прераспределба на кадар и подготовка на капацитетите на болницата да одговориме на овие предизвици“, изјави Филипче.
Министерот потенцираше дека во изминатите две години кадарот во болницата е зајакнат со нови вработувања, примени се над 70 здравствени работници, од кои 17 лекари се веќе пратени на специјализација.
„Ние интензивно работевме изминатите две години, многу луѓе се примија во болницата во Охрид. Над 70 здравствени работници, од кои 17 лекари кои се веќе пратени на специјализација. Со тоа покажавме дека водиме сметка за јавното здравство, пред сè за еден од најзначајни сегменти во јавното здравство, а тоа се луѓето, докторите, медицинските сестри и останатиот помошен медицински персонал. Тие се столбот на здравствениот систем, а здравствениот систем, како и досега, но сега е уште повеќе видливо е столбот на државата“, изјави министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во 2025 поднесени 213 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК, штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царинската управа
Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги минатата година поднесе вкупно 213 кривични пријави против 443 физички и 160 правни лица до Основното Јавно Обвинителство и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Притоа, во 196 случаи е утврдена штета врз Буџетот од 102 милиони денари, соопшти Царнската управа.
Бројот на поднесени кривични пријави, додаваат од таму, е зголемен за повеќе од двојно споредбено со 2024 година, кога бeше поднесена 91 кривична пријава, при што најголем дел од поднесените кривични пријави, дури 80 проценти, беа евидентирани од октомври.
„За неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги се спроведени истраги и поднесени се седум кривични пријави, за криумчарење 40 кривични пријави, за царинска измама 39 кривични пријави, за фалсификување исправа 85 кривични пријави, а за недозволено тргување со оружје поднесени се седум кривични пријави. Поднесени се и кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, вршење меѓународен јавен превоз без поседување лиценца, како и за избегнување плаќање акциза. Дури 103 од поднесените кривични пријави се поднесени за сторени кривични дела со 232 возила.
Во текот на предистражните дејствија од страна на службата против економски криминал при проверка на докази за потекло, до странски служби испратени се 450 барања, при што во 223 случаи е утврдено дека доказите за потекло се невалидни. Со странски служби извршена е и 71 проверка на увозни фактури. Дополнително од страна на службата за финансиски истраги отворени се 15 финансиски истраги против 19 физички и девет правни лица, при што целта е детекција и конфискација на нелегално стекнат имот, а со тоа и дестабилизација на криминалните групи.
Царинската управа продолжува со спроведување засилени контроли и истраги со цел ефикасна борба против криминалот и заштита на финансиските интереси на државата“.
Македонија
Филипче: Да го продолжиме повикот на Гоце Делчев, Македонија да биде европска држава, а не назад во изолација
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по повод одбележувањето 154 години од раѓањето на македонскиот великан и револуционер Гоце Делчев, порача дека делата на Делчев се потсетник дека Македонија се гради со храброст, солидарност и заедништво.
Во објавата на Фејсбук, Филипче наведува дека Гоце Делчев бил еден од визионерите кои ги поставиле темелите на македонската државотворност, потенцирајќи дека неговата порака за „светот како поле за културен натпревар на народите“ и денес претставува јасен повик Македонија да оди напред кон модерна, просперитетна и европска иднина, а не назад во изолација.
„Во време кога државата повторно се соочува со сериозни предизвици, да не дозволиме националните интереси да бидат заложник на дневна политика“, порачува Филипче.
Според него, аманетот на Делчев треба да се продолжи преку градење напредна, праведна, демократска и економски силна држава, во која младите и сите граѓани ќе гледаат перспектива.
„Нека е вечен споменот на великанот Гоце Делчев“, се наведува во објавата.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.

