Македонија
Јанушев: Конечно ќе изградиме нов клинички центар во Скопје

Во следните 4 години се обврзуваме, земаме аманет пред сите вас дека ќе работиме напорно, порача денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на средба со граѓани од населба Илинден.
Тој најави дека следуваат огромни реформи во секое поле, но особено се задржа на здравството за каде најави зголемување на платите на медицинскиот персонал и лекарите и конечна изградба на клиничкиот центар.
„Да го имаме 8-ми септември како дополнителен клинички центар и уште две клинички болници во Штип и Тетово. Оваа пандемија ни покажа колку многу зависиме од лекарите и медицинскиот персонал. Да им се заблагодариме за се што направија за нас“, посочи Јанушев и повика на 15 јули жителите на Илинден да го заокружат бројот 14 за, како што рече, 14 пратенички места во изборната единица три.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Уапсен 26-годишник кој се заканувал со нож и пиштол, a потоа нападнал со тврд предмет

Полициски службеници од СВР Скопје ноќеска, околу 2:10 часот, привеле 26-годишен маж во скопската населба Шуто Оризари, откако бил пријавен за закани и физички напад врз тројца членови на иста фамилија.
Како што информира МВР, уапсениот А.И. (26) од Скопје, по претходна расправија, упатувал закани со остар предмет и огнено оружје кон Џ.С. (32), неговиот брат и чичко. Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 19 април.
„По пријава поднесена од Џ.С. од Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.И. на подрачјето на Шуто Оризари. Според пријавеното, лицето се заканувало со остар предмет и огнено оружје, а потоа и физички го нападнало пријавителот со тврд предмет“, соопштија од МВР.
Полицијата информира дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против осомничениот.
Скопје
Воз удри во автомобил кај Зелениково, нема повредени

Во сообраќајна несреќа што се случи денеска кај Зелениково, воз удрил во патничко моторно возило, но за среќа, во инцидентот нема повредени лица.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата е пријавена во СВР Скопје во 18:10 часот. Според пријавата, воз удрил во автомобил управуван од Ж.М.К. (51) од Скопје, додека возот бил управуван од С.М.
На местото на несреќата веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош Скопје, која констатирала дека нема повредени.
Полицијата изврши увид и работи на целосно расчистување на случајот.
Македонија
Гаши демантира дека ја напушта коалицијата Вреди, останува лојален на гласачите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека ја напушта коалицијата Вреди. Тој истакна дека останува член на партијата Алтернатива и дел од коалицијата Вреди, истовремено потенцирајќи дека како собраниски спикер ќе продолжи да ги извршува своите обврски согласно уставните надлежности.
„Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Вреди. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“, напиша Гаши.
По неодамнешните несогласувања со Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, од коалицијата Вреди најавија нов чекор кон поголемо политичко единство. Според најавите, следната недела ќе започне процедурата за создавање на единствена политичка партија што ќе ги обедини постојните партии од оваа коалиција.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, во интервју за емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија, изјави дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, програма и советнички листи за претстојните локални избори.