Македонија
ХЕРА со апел до изборните кандидати да користат точни информации за сексуалното образование

Во екот на предвремените парламeнтарни избори, од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, ХЕРА, апелираат до сите кандидати и кандидатки од политичките партии, да користат јасни недвосмислени пораки и точни информации кога станува збор за сеопфатното сексуално образование (ССО).
„Имајќи ја предвид важноста на сеопфатното сексуално образование, но и одговорноста и обврските што произлегуваат од секој јавно кажан збор, го поздравуваме обидот да се актуелизира ССО како тема во јавноста, но апелираме до сите носители и кандидати за јавни функции своите ставови и мислења да ги засноваат на научно докажани факти и сознанија и да консултираат стручна и релеватна литература, како и граѓански организации кои долго време работат на оваа тема“, се наведува во соопштението во кое се додава дека кога веќе кандидатите јавно го препознаваат ССО како важно, да се заложат за негово воведување како изборен предмет во основното и средното образование.
Од ХЕРА појаснуваат дека сеопфатното сексуално образование ги вклучува сите културолошки, психо-социјални и емоционални аспекти на сексуалноста, вклучително и задоволството и сексуалната различност, кои претставуваат основа за развој на здрава и толерантна млада личност.
Преку него, велат од Асоцијацијата, младите се запознаваат со темите како род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и потопло со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 17, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Времето во наредните денови
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Во сабота попладне и во текот на ноќта кон недела ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот во северен. Потоа следува период на стабилно и потопло време.
Македонија
Министерството за одбрана реагира на соопштението на СДСМ: Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината

„Лицемерно, со манипулација на факти и со целосно извртување на вистината – така се карактеризира соопштението од политичката партија СДСМ која се обидува редовна и навремена набавка која се спроведува години наназад и се однесува на потребите на Армијата и СИТЕ угостителски објекти на Министерството и Армијата, вклучувајќи го и Домот на Армијата, авто камповите во Дојран и Охрид, како и Хотелот „Шар“ на Попова Шапка, да ја претстави во сосема поинакво светло. Првенствено, треба да се има предвид дека набавеното кафе и пијалоци во угостителските објекти кои се од отворен карактер за граѓаните, се во слободна продажба, а приходот од продажбата повторно влегува во македонскиот буџет“, реагира Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.
„Впрочем, имајќи предвид дека последните седум години со Министерството раководеа кадри на оваа политичка партија, кои ги правеле ИСТИТЕ набавки, се поставува прашањето – дали тие не знаеле што прават, дали се „луксузирале“ со народните пари или сега се обидуваат да стават сомнеж на функционирањето и побарувањата од не било која, туку најценетата и најпочитуваната институција во државата – македонската Армија?
Фактите се следни:
Набавката на кафе и алкохолни пијалоци е спроведена во јавна и транспарентна постапка. Целата документација, вклучително и тендерската документација, договорите и одлуките се јавно достапни на Порталот за јавни набавки и секој граѓанин, новинар или институција може слободно да направи увид, анализа и споредба со набавките од претходните години.
Набавката се однесува на угостителски објекти од отворен тип, кои се користат во рамките на протоколарни, воени и меѓународни активности, а не за „удобност“ на министри, како што лажно се тврди.
Години наназад е спроведена ИСТА ТАКВА НАБАВКА, која оваа година (во споредба со 2023 година) е со многу помали количини, на пример: ставката за алкохолни пијалоци е намалена од 50 до 88 проценти, а жестоките алкохолни пијалоци кои претходно биле набавувани се целосно отстранети.
Сумата на договорот во 2025 година е намалена за 15 проценти во споредба со 2024 година и за речиси 40 проценти во споредба со 2023 година.
Прашањата кои се поставуваат се логични: Или раководството од СДСМ кое го предводело Министерството не знаело што работи и што набавува или политичката партија влегува во едно црно сценарио во кое се обидува да ја вметне и македонската Армија.
Ги повикуваме сите медиуми да не ги земаат предвид ваквите дезинформации кои се пласираат во јавноста особено од страна на политички партии. Борбата со дезинформациите и манипулацијата со фактите е нешто против кое треба сите заедно да се бориме вклучувајќи ги и политичките партии, а не тие да потекнуваат токму од овие кујни.
Се работи за македонските граѓани и за Македонија и токму затоа не смееме да дозволиме граѓаните да бидат излажани“, се наведува во реакцијата од Министерството за одбрана на соопштението од политичката партија СДСМ.
Македонија
Од утре се нормализира сообраќајот на регионалниот пат Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен

Утре од 05.00 часот регионалниот пат Р 1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од Министерство за внатрешни работи, извести АМСМ.