Македонија
Филипче: Првпат преку ИПА 3-инструментот средства за унапредување на здравствениот систем во нашата земја

На вчерашната средба во Охрид со специјализантите и младите лекари, министерот за здравство, Венко Филипче, ги истакна и можностите што му се нудат на јавното здравство преку усогласувањето со законодавството на Европската Унија, како и новите можности што ги нудат програмите. Во таа насока тој истакна дека преку ИПА 3-инструментот првпат се дедицирани средства за унапредување на здравствениот систем во нашата земја, наменети за инвестиции, пред сè, во луѓето и во опремувањето и унапредувањето на одделенијата за интензивна нега во земјата.
„Усогласувањето со законодавството на ЕУ и за нас отвора нови врати. Првпат во ИПА 3-инструментот ќе има пари за здравство, за здравствениот систем. Направивме предлог-проекти кои сегменти сакаме да ги зајакнеме. Правилно сме процениле дека најмногу треба да се инвестира во луѓето. Кризата со коронавирусот потврди дека вистинската инвестиција во здравството е, прво, во луѓето, потоа во опремата, за што разговаравме и со ЕУ и утврдивме дека е најважно да се зајакнат најбитните сегменти во секоја установа – а тоа се одделенијата за интензивна нега“, истакна Филипче.
Филипче разговараше со младите лекари и специјализанти за важноста на одделенијата за интензивна нега како во однос на опременоста со современи апарати и целосна инфраструктура така и со силни и обучени тимови на медицински персонал кои ќе им даваат соодветна нега и третман на најкритичните пациенти.
„Каква е интензивната нега, какви доктори работат таму – тоа е лицето на една здравствена установа. Важно е каква опрема има, каков медицински кадар, лекари и сестри, колку се обучени, каква услуга даваат – тоа е вистинското лице на здравствениот систем и затоа со помош од ЕУ ќе продолжиме и да го зајакнуваме тој сегмент“, изјави Филипче и додаде дека е од исклучителна важност да се зајакнат и унапредат одделенијата за интензивна нега во сите поголеми јавни здравствени установи во земјата како дел или одделно од инфективните одделенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „Задоцнета реакација“ – протест на семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“

Во Кочани и денеска семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ излегоа на протестен марш.
Маршот се одвиваше под мотото „Задоцнета реакција“.
Граѓаните, симболично, тргнаа од Паркот на Револуцијата во 12 часот и 5 минути, за да го искажат незадоволството од задоцнетата реакција на надлежните институции, како една од причините за големата трагедија.
Колоната помина пред Трговскиот центар кратко задржувајќи се пред кафе барот чиј сопственик ја имаше и дискотеката, а оттаму се упатија пред зградата на Општина Кочани каде се наоѓаат и просториите на Државниот пазарен инспекторат. Продолжија пред Полициската станица, а потоа пред Основниот суд и Основното јавно обвинителство побараа информации за досегашната истражна постапка.
Граѓаните на маршот истакнаа транспаренти со натписи „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективна правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“ и слично.
Присутните најавија дека ваквите протести ќе продолжат сѐ додека не се откријат и казнат виновниците за трагичниот настан.
Македонија
Во странство се лекуваат 48 повредени од кочанската дискотека, нема планирани исписи за викендов

Министерството за здравство информира дека не се планирани исписи од странски медицински центри за викендов и во моментот се лекуваат 48 пациенти надвор од државата.
Состојбата на пациентите останува непромената, односно остануваат во критична состојба пациентите за кои и претходно информиравме, додека останатите пациенти се во стабилна состојба.
Во болниците во земјава во моментот се лекуваат 10 пациенти, од кои четворица во Хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, три на Клиника за пластична хирургија, двајца пациенти во приватната болница „Систина“.
Во ГОБ „8 Септември“ еден пациент во моментов е на лекување, додека вториот, кој беше вратен од Анкара е прегледан и пуштен на домашно лекување.
Исто така, на Клиника за пулмологија, во изминатото деноноќие е прегледан и пуштен на домашно лекување пациент кој е вратен од Марибор.
Македонија
Герасимовски: Општина Центар со нови мерки за справување со проблемот со бездомните животни

Градоначалникот Горан Герасимовски вчера беше говорник на панел-дискусија ,,За посигурна иднина на животните: Законски промени сега!” организирана од Либерален институт – Скопје. На панел-дискусијата се разговараше за потребата од итни и системски решенија кои ќе овозможат подобра заштита и грижа за животните.
„Општина Центар активно ја имплементира политиката „Залови – Стерилизирај, Вакцинирај, Врати“ во соработка со ЈП „Лајка“, со годишен буџет од 2 милиони денари. Признаваме дека е потребен дополнителен ангажман за да се зголеми ефикасноста на оваа политика, а токму затоа планираме нови активности. Проблемот е на ниво на Град Скопје и сите скопски општини. За да имаме целосно решение, потребна е пообемна стерилизација. Не велам дека ова целосно ќе го реши проблемот. И понатаму ќе има бездомни кучиња, но сигурно ќе се намали нивниот број.
Сите општини треба навремено да ги подмируваат трошоците кон ЈП „Лајка“. Граѓаните имаат право да знаат зошто плаќаат и што добиваат за тоа што го плаќаат. Колку кучиња се заловени? Колку се вакцинирани? Како се третирани? Бараме конкретни статистики за да видиме што сме добиле за парите што ги вложуваме, особено кога некои општини не плаќаат, а други го носат целиот товар” изјави Герасимовски.
Во подготовка е програма за субвенционирање на стерилизација на домашни миленици, по примерот на успешната пракса од Општина Гази Баба. Преку оваа програма, ќе им се овозможи на сопствениците на миленици полесен пристап до стерилизација, со што директно ќе се влијае врз намалување на бројот на бездомни животни – најчесто последица од неодговорно сопствеништво.
Стерилизацијата не само што придонесува за контрола на популацијата, туку и го намалува ризикот од агресивно однесување кај животните.
Општина Центар работи и на координирани активности со соседните општини за справување со проблемот на глутници бездомни кучиња кои се пренесуваат од една општина во друга. Заеднички акции и образовни кампањи ќе бидат клучни за долгорочно и одржливо решение.
,,За да дојдеме до вистинско решение, мора сите да бидеме совесни како градоначалници на сите 10 скопски општини и редовно да го покриваме трошокот кон ЈП „Лајка“. Дополнително, ја отворивме темата и во рамки на Скопскиот плански регион, каде што разговараме за потребата од зголемен број стационари и други системски решенија. Не смее да се случува, како што веќе беше спомнато, кучиња од една општина што не ги третира проблемите, да завршуваат во друга. Тоа не е решение, само го префрламе проблемот од една на друга општина. Очекуваме позитивен одзив од граѓаните, затоа ги охрабруваме сите сопственици на миленици да се вклучат и да придонесат кон похумано и побезбедно урбано живеење”, истакна Герасимовски.