Македонија
Петмина починати и 78 новозаболени од Ковид-19 во земјата
Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 894 тестирања, а регистрирани се 78 нови случаи на Ковид-19, и тоа во: Скопје – 26, Куманово – 4, Дебар – 1, Штип – 17, Тетово – 9, Струга – 3, Битола – 1, Охрид – 1, Гостивар – 5, Крива Паланка – 1, Кочани – 1, Пробиштип – 3, Виница – 1, Свети Николе – 5.
Починати се 5 лица, тројца пациенти од Скопје, еден од Куманово и еден пациент од Струга.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти на возраст од 70 и 80 години.
Во ГОБ „8 Септември“ починати се пациенти на возраст 77 и 63 години, кај едниот пациент вирусот е докажан постмортем. Во Општата болница Струга починат е пациент на 86 години.
Денеска, Институтот за јавно здравје регистрира 172 оздравени лица, и тоа од: Скопје – 72, Куманово – 53, Штип – 20, Прилеп – 4, Тетово – 10, Велес – 1, Гостивар – 5, Пробиштип – 2, Ресен – 4, Неготино – 1.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 7.124, бројката на оздравени пациенти е 3.199, на починати е 346, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.579. Во моментот дистрибуцијата по градови е следна:
• Скопје – 3.422, активни 1.960
• Куманово – 801, активни 194
• Дебар – 110, активни 58
• Штип – 390, активни 157
• Прилеп – 281, активни 51
• Тетово – 775, активни 391
• Струга 268, активни 169
• Велес – 196, активни 42
• Битола – 62, активни 23
• Охрид – 205, активни 176
• Кавадарци – 21, активни 15
• Гостивар – 161, активни 93
• Гевгелија – 12, активни 3 (*2 лица од ПЕ Гевгелија се жители на Богданци)
• Струмица – 17, активни 9
• Крива Паланка – 17, активни 11
• Радовиш – 4, активни 0
• Крушево – 7, активни 3
• Кочани – 75, активни 22
• Пробиштип – 29, активни 18
• Демир Хисар – 2, активени 1
• Македонски Брод – 6, активни 4
• Пехчево – 6, активни 3
• Берово – 3, активни 0
• Валандово – 6, активни 2
• Виница – 4, активен 1
• Делчево – 1, активни 0
• Кратово – 5, активни 2
• Свети Николе – 47, активни 42
• Кичево – 48, активни 39
• Ресен – 122, активни 85
• Неготино – 21, активни 5 (*10 лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)
Направените 894 теста се преку: ИЈЗ – 544, МАНУ – 96, „Жан Митрев“ („Филип Втори“) – 71 и „Систина“ со PCR-метода – 183. Досега во земјата се направени вкупно 68.059 тестирања на Ковид-19. Денеска нема тестирања во рамките на скринингот.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 5 пациенти. Вкупно хоспитализирани се 90 пациенти. На кислородна поддршка се 53 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 29 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и 4 деца позитивни и суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се 6 нови, вкупно хоспитализирани се 122 пациенти. На респираторна машина се 3 пациенти.
Во болницата во Битола хоспитализирани се 37, а во болницата во Штип хоспитализирани се 45 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и во Гостивар хоспитализирани се 94 пациенти позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Активни случаи по општини во Скопје денеска (по завршување на епидемиолошките анкети, може да има измена во дистрибуцијата по општини во Скопје)
• Чаир – 402
• Аеродром – 155
• Бутел – 170
• Гази Баба – 201
• Центар – 149
• Карпош – 166
• Сарај – 150
• Кисела Вода – 110
• Ѓорче Петров – 115
• Студеничани – 107
• Шуто Оризари – 95
• Арачиново – 51
• Илинден – 35
• Петровец – 17
• Чучер Сандево – 18
• Сопиште – 9
• Зелениково – 8
• Странец – 2
• Нераспределен – 0
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Свечена седница на Советот на општина Карпош
Во рамки на планираните активности, Советот на Општина Карпош одржа Свечена седница, заседавајќи по третпат откако е конституиран новиот состав на ова тело. Во таа насока, советниците од Карпош разгледуваа две точки кои се најдоа на денешниот дневен ред.
На самиот почеток пред присутните се обрати градоначалникот Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја образложи потребата од одржување на Свечената седница.
– „Почитувани советници. Како што сте веќе информирани, оваа среда Општината го одбележува 49-тиот роденден со Свечена манифестација, во чии рамки врачува Плакета на заслужен граѓанин за 2025 година. Затоа ве повикувам, ова признание да го доделиме достоинствено и обединето, како благодарност и како порака дека општина Карпош знае да ги вреднува своите сограѓани. На тој начин би сакал да покажеме дека зад оваа одлука стои Советот како институција, да испратиме јасна порака, дека секој што работи за доброто на нашата локална заедница, без разлика на неговите политички, верски, етнички или било какви други убедувања, ќе биде препознаен и секогаш поддржан од наша страна“ – истакна Лукровски.
Првиот човек на Општината потенцираше дека на овој начин локалната самоуправа покажува вистинска посветеност, градејќи стабилна традиција како институција која се грижи за своите најдобри сограѓани.
Во таа насока, мнозинството советници постигнаа консензус околу изборот на заслужен граѓанин на локалната самоуправа, која традиционално ја практикува оваа иницијатива во рамки на одбележување на Денот на Општината. Имено, македонската фудбалска легенда, Драги Сетинов е избран за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2025 година. Спортската јавност го познава Сетинов по неговите беспрекорни настапи во фудбалските клубови „Победа, „Вардар“, „Хајдук“ од Сплит и „Етникос“ од Пиреја.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Одлуката, со која Општина Карпош ја наградува полициската службеничка Елена Дракулевска, која ја извршува својата функција во Полициската станица од општа надлежност – Карпош. За таа намена, локалната самоуправа од својот Буџет обезбеди финансиски средства во висина од 60.000 денари. Дракулевска ќе добие од Општина Карпош парична награда и Пофалница за заслуги, за нејзиниот исклучителен придонес во унапредување на безбедноста и јавниот ред.
Македонија
Николовски до Трипуновски: На празните листови напиши ја твојата оставка
Пратеникот на СДСМ и поранешен министер, Љупчо Николовски, денеска одговори на обвинувањата на министерот Цветан Трипуновски и истите ги оцени како безпредметни, и го повика да си даде оставка за хаосот што создаде во земјоделието.
„Трипуновски, твоите беспредметни кривични пријави не можат ни оддалеку да го тргнат фокусот од хаосот што го создаде во земјоделството.
Кога сопствената посебна советничка ти е фатена во истрагa за рекет со европски пари се носи политичка одговорност.
Кога најразвојната програма во државата e суспендирана поради коруптивен скандал: се поднесува оставка, се овозможува независна истрага и се молчи од срам, а не со прес-конференции и статуси.
Половина од твоите најблиски соработници се под истрага, со телефони на вештачење, со претреси и информативни разговори. Тоа е реалноста од која бегаш.
Наместо смешни пријави, избери да одговориш на она што секој ден го прашуваат земјоделците:
Кога одгледувачите на овци ќе ги добијат субвенциите?
Кога субвенциите за млеко?
Ќе се исплатат ли сите земјоделци за предаден зеленчук и овошје“.
Го праша и зошто се кратат субвенции во ребалансот, зошто 130 милиони евра европска поддршка се замрзнати.
„Ти, наместо да се соочиш со овие прашања, измислуваш пријави мислејќи дека ќе ја замолчиш вистината. Не оди тоа така, јавноста веќе гледа кој работи, а кој пишува статуси.
Дополнително треба да објасниш: како се копа песок на земјиште дадено за рибник?
Каде заврши земјоделското земјиште доделено изминатава година?
Како точно се подготвува шемата за испумпување буџетски пари преку откупот на грозјето?
П.С. Колкав е рибниот фонд во општина Петровец?
П.С.С Наместо да доставуваш „кривични пријави“ со празни листови само за да дефокусираш и да си го спасуваш образот, подобро земи ги тие празни листови и напиши ја оставката.“ стои во објавата на Николовски.
Македонија
Членови на собраниски комисии со Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија: стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција
Парламентарната дипломатија важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси
Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и Комисијата за европски прашања остварија одделни средби со Делегација на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, предводена од Наталиа Усеро Перес.
На средбата со Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, претседателот на Комисијата, Муса Џафери, истакна дека Шпанија е стабилен партнер, пријател и поддржувач на европската интеграција на Република Северна Македонија. Билатералните односи се карактеризираат со искрено пријателство, политичка поддршка и заедничка посветеност на европските вредности.
Се очекува и понатамошна поддршка од Шпанија во надминувањето на актуелните предизвици поврзани со блокадата од страна на Бугарија на патот кон ЕУ. Во фокусот на разговорот беа и предизвиците со кои се соочуваат земјите во борбата против корупцијата и потребата од заедничко дејствување.
„Ние, како парламент, веруваме дека редовниот дијалог меѓу пратениците на двете земји создава силна основа за развој на демократските процеси, олеснува меѓусебно разбирање и придонесува кон подобри политики во интерес на граѓаните“ – заклучи Џафери.
Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски истакна дека денешната средба претставува важна можност за потврда и дополнително зајакнување на долгогодишната соработка помеѓу девете земји. Со Шпанија споделуваме искрено пријателство, конструктивно партнерство и заедничка посветеност на еропските вредности и стандарди.
Во економска сфера од една страна, нашата соработка бележи позитивни резултати, но постои и голем потенцијал за натамошно проширување особено во делот на енергетиката, инфраструктурата, туризмот, образование и зелените технологии. Од друга страна во областа на парламентарната дипломатија, двата парламенти имаат традиција на плодна комуникација, средбите на високо ниво, парламентарните групи за соработка претставуваат важен механизам за зајакнување на институционални врски и поддршка на реформските процеси.
Наталиа Усеро Перес, истакна дека е овде со голем интерес и ентузијазам да се запознае со проблемите со кои се соочува Северна Македонија, Францускиот предлог и можните решенија кои ќе ја доведат до интеграција во ЕУ.
Членовите на Комисијата упатија благодарност што Шпанија остана принципиелен поддржувач на европската перспектива на нашата држава и на политиката на
проширување на Унијата, воедно беа едногласни дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за пристапниот процес.

