Свет
Австралијците предупредени за можно арбитрарно притворање во Кина
Австралија апелира денеска до своите државјани, кои планираат да патуваат во Кина, повторно да размислат предупредувајќи ги дека може да се соочат со произволно притворање од страна на комунистичкиот режим, се вели на владината веб-страница „Смарт травелер“.
Австралиското Министерство за надворешни работи и трговија исто така рече дека кинеските власти и претходно апселе странци за наводно загрозување на националната безбедност.
Официјалниот совет за патувања за Кина не е променет, но сега го содржи предупредувањето дека Кина нема да се двоуми да апси странци и да ги држи како заложници за државни цели. Во него се вели:
„Кина нема да им дозволи на повеќето странци да влегуваат во Кина. Директните летови помеѓу Кина и Австралија значително се намалија. Ако и покрај нашите совети патувате во Кина, ќе подлежите на 14 дена задолжителен карантин. Барањата за карантин може за миг да се променат.
Ако веќе сте во Кина и сакате да се вратите во Австралија, препорачуваме да го сторите тоа што е можно побргу со комерцијални летови. Властите притвораат странци за наводно загрозување на националната безбедност. И Австралијците може да бидат изложени на ризик од произволно притворање. Ние не сме го промениле нашето ниво на совети. Не патувајте во Кина“.
Новиот совет доаѓа со зголемувањето на тензиите меѓу двете земји по притисокот од австралискиот премиер Скот Морисон за глобална истрага за справувањето со смртоносната пандемија на коронавирусот во Кина.
Повикот е реципроцитетни мерки со Кина, при што Пекинг ги повика своите граѓани да не патуваат во Австралија поради, како што рече, зголемениот расизам кон кинеските посетители.
Одлуката на Австралија да им се придружи на САД и да му забрани на „Хуавеј“ какво било учество во национална 5Г-мрежа, исто така останува болно прашање или трнлив проблем меѓу двете држави, потврди кинескиот амбасадор во февруари додавајќи дека во суштината на спорот лежи дискриминацијата против кинеска компанија.
Минатата недела Морисон исто така потврди дека владата активно размислува да им понуди безбедно прибежиште на жителите на Хонг Конг откако во поранешната британска колонија беа воведени контроверзни закони за национална безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

