Македонија
(Видео) Николоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи целосна дигитализација на македонското општество за период од 4 години
Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител во Изборната единица 4, Александар Николоски, денеска е во посета на Струмица и Струмичко. Како што најави, попладне ќе има средба со граѓани во централното градско подрачје на Струмица, како и во околните населби, ќе оди во Банско, во Куклиш, а вечерта ќе ја заврши со трибина посветена на меѓународната политика заедно со младите луѓе од Струмица.
„Причината зошто се наоѓаме токму во оваа населба Цветан Димов е затоа што сакаме да потенцираме на кој начин, за жал, градот не се развива, имаме други ветувања во изминатиот период, многу луѓе ни се пожалија дека инфраструктурно не им се решени проблемите, дека сè уште нема донесено детален урбанистички план, ниту се соодветно решени инфраструктурните прашања, како што е изградба на улици, канализации, одвод итн.
Сакаме да апелираме тоа да се реши во следниот период, а ќе се заложи владата на ВМРО-ДПМНЕ по 15 јули во соработка со Општината тука за овие прашања да бидат надминати. Втора тема што сакам да ја отворам денес, имајќи предвид дека веќе сме сериозно влезени во вториот дел од кампањата и имаме едно стабилно, убедливо водство во Четвртата изборна единица од 4-5-процентни поени разлика и сум убеден дека е извесна победата на 15 јули, би сакал да ги презентирам некои од работите што ќе ги направиме во следниот период, а не се спомнати.
За мене, најзначајниот, најбитниот проект што ќе го обележи четиригодишниот мандат 2020 – 2024 година, е целосна дигитализација на македонското општество, кое треба да овозможи неколку работи. Прво, силен удар на корупцијата затоа што над 500 услуги, кои во моментот се добиваат од разни државни институции и зависат од човечки фактор, ќе бидат целосно дигитализирани за да се тргне човечкиот фактор од нив и да нема дискреционо одлучување на кого било.
Второ, поврзано со дигитализацијата, а тоа е е комплетна дигитализација на основното и средното образование, со цел младите, новите генерации, да фатат чекор со најмодерните светски држави и да може да бидат конкурентни на европскиот и на светскиот пазар. Третата работа поврзана со дигитализацијата е во делот на владеење на правото, каде што има јасни стандарди и процедури со цел да запрат овие пракси со кои одредени процеси се влечат со години, одредени судии забораваат да свикаат рочишта, што одредени поротници одат во пензија итн, итн.
Значи, стрикни и јасни процедури и, четвртата работа, секојдневното живеење на луѓето, односно олеснување на целокупната постапка и начинот на функционирање. Ова е најголемиот проект што планираме да го спроведеме во следните четири години, што ќе им овозможи на луѓето полесен живот, на многу млади луѓе да најдат работа тука во Македонија, особено оние што се занимаваат со ИТ, со информатички науки, да имаат образование во тој дел.
Ќе стимулираме и помагаме доедукација и дообука за сите млади што ќе сакаат да се пренасочат во овој сектор, обуките ќе бидат бесплатни, односно ќе ги плаќа државата, сè со цел да имаме што поконкурентен број на млади луѓе што може да се занимаваат со оваа работа.
И втората работа, исклучителна значајна, а поврзана со екологијата. За жал, Струмица е еден од најзагадените градови во Македонија. Тоа е така од неколку причини, прво, од начинот на греење и, второ, од начинот на загревање на оранжериите тука во Струмичко, за жал, се користи огромна дрвна маса, а дрвата се најголем производител на ПМ 5 и ПМ 10-честички.
Планираме да спроведеме масовни проекти во екологијата, конкретно тука во Струмица и Струмичко, овозможување топла вода, односно топла вода да стигне до секоја нива и до секоја оранжерија, каде што за таа работа има можност. Понатаму, секоја година 20 милиони евра, за четири години 80 милиони евра во делот на наводнувањето, каде што ќе се обноват постојни каналски мрежи, ќе се изградат нови каналски мрежи и ќе се градат акумулации и таа вода ќе може дел да се користи за наводнување, но дел исто така ќе може да се користи и за загревање во комбинација со сончевата енергија.
Третата работа е целосна гасификација вклучително и најбитно и за Струмичкото Поле за да се избегне греењето со дрво. И сето ова заедно треба да нè донесе во една ситуација за четири години Струмица да е далеку почиста и помалку загадена од ова што е сега. Ова се двете крупни работи за кои сакав да зборувам и за што ќе зборуваме со струмичани“, порача Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.
Македонија
(Видео) Левица бара укинување на Регулаторната комисија за енергетика
Левица предлага укинување на Регулаторна комисија за енергетика и префрлување на нејзините ингеренции на Министерството за енергетика, истакана Амар Мециновиќ, пратеник и потпарол на Левица на денешната прес-конференција, оценувајќи дека постојниот модел ја продлабочува енергетската сиромаштија и овозможува прелевање на јавни пари во приватни џебови.
„Во период кога струјата постојано поскапува станува сѐ појасно дека нашата енергетска сиромаштија ги окупира животите на нашите граѓани. Потребно е веднаш да се реагира во законската материја. Енергетиката не е технократска играчка туку е основа за нормален и квалитетен живот. Тоа е јавен интерес од највисок ред“, порача Мециновиќ.
Од Левица посочуваат дека илјадници семејства живеат во енергетска сиромаштија додека цените на струјата растат, јавните претпријатија тонат во долгови, а приватните електродистрибутери остваруваат континуирани профити.
„Овој систем не е случаен туку е резултат на континуирани избори скриени зад маската на независноста на РКЕ. Така нареченото независно тело РКЕ со години функционира како штит за интересите на ЕВН и на сите други приватни електродистрибутери, а не како заштитник на граѓаните“, рече Мециновиќ и додаде дека „невидливото политичко влијание е најопасното за граѓаните“.
Како клучен елемент за укинувањена РКЕ Левица ја наведе потребата од јасна политичка одговорност.
„Предлагаме укинување на РКЕ, за да постои политичка одговорност. За да може да се повикаат на политичка одговорност нашите премиери, нашите министри, кога сметките растат вртоглаво“, беше нагласено на прес-конференцијата.
Исто така од партијата посочија дека ЕСМ континуирано работи со загуби, додека ЕВН остварува вртоглави профити, што според нив е директан последица на одлуките на Регулаторната комисија.
„Јавниот интерес се уништува, струјата постојано поскапува затоа што ова не е слободен пазар туку систем за прелевање на јавни пари во приватни џебови. Јавните претпријатија беа втурнати на слободен пазар со одлука на РКЕ и наместо стабилност добивме хаос во кој приватните профитираат, а јавните се ослабени и тонат во долгови“.
Како пример за спорни одлуки ја посочија улогата на РКЕ во изборот на ЕВН Хоум за универзален снабдувач, дозволувањетопаушални фактури без отчитување на броилата како и воведувањето скалесто тарифирање.
„Скалестото тарифирање е социјално праведно само ако има сто отсто отчитување на броилата. Се друго е казнување на сиромашните“, рече Мециновиќ додавајќи дека долгот на ЕСМ надминува над 200 милиони евра.
Посебно беше нагласена и мрежарината од 200 денари за сите 600 000 домаќинства. „Преку ова на месечно ниво ЕВН добива 2,1 милион евра, кои на годишно ниво се претвараат во 25 милиони евра. За осум години, доколу никој во Македонија не запали сијалица, ЕВН ќе оствари добивка од 200 милиони евра, колку им требаше ЕВН да го купат од нас“, посочи Мециновиќ.
Како илустрација за судирот на интереси, од партијата го посочија примерот со поранешниот претседател на РКЕ, Димитар Попов. „Тој претходно беше член на ВМРО – ДПМНЕ како што Бислимоски беше член на СДСМ. Пред изборот за претседател, Димитар Попов беше раководител на ХЕЦ во Ѓорче Петров во ЕВН. По завршување на мандатот, откако искористи една ипол година апанажа и повторно беше вработен во ЕВН на менаџерска позиција. Прашањето е очигледно: За кого работел претседателот на РКЕ помеѓу неговиот ангажман во ЕВН? За кого работи денеска Бислимовски?“, праша Мециновиќ.
На крајот од прес конференцијата Левица информираше дека ќе присуствува на најавената лидерската средба. „Како парламентарна партија која година ипол се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање на закони, преку консензус за некои државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог. За нас е најбитно да се создаде демократска атмосфера за време на изборите и нашите барања ќе одат во таа насока“, истакна Мециновиќ.

