Македонија
Спасовски во Липково: Социјална помош за плус 34.000 домаќинства, детски додаток за 65.000 деца
Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, на средбите со жители од Матејче, Ваксинце, Опае и во Липковско ја потенцираше силната посветеност на рамномерниот регионален развој и на развојот како на градските така и руралните средини и на грижата за сите граѓани.
„Социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти и продолжуваме, ќе има повисока социјална помош за 34.000 домаќинства. Над 33.000 деца во училишна возраст примаат детски додаток и продолжуваме со детски додаток за 65.000 деца. Најавуваме изградба на 777 социјални станови низ целата држава. Ние се грижиме за потребите на луѓето, додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се грижат за потребите на Никола Груевски, ги поделија луѓето и владееја со страв, режим и крадење“, рече Спасовски.
Тој посочи дека во овој регион, за патна инфраструктура централната власт има вложено 6 милиони и 100 илјади евра за патот Опае – Балаковце – Станчиќ – граница со Косово и за рехабилитација на регионалниот пат Матејче Липково.
„За 12 проекти за рамномерен регионален развој одделени се 101 милион 908 илјади 294 денари за: изградба на фекална канализација село Отља, општина Липково, за фекална канализација с.Ваксинце, фекална канализација село Матејче, за подобрување на условите за рурален развој, развој на туризмот и мобилноста во Североисточниот Плански Регион, за заштита на животната средина, нешто за што ДУИ имаше можност 11 години, но не го направија. Се грижиме за сите, тоа граѓаните го препознаваат, ја имаме поддршката од сите и затоа заедно продолжуваме по правиот пат. Заокружете 3 на 15 јули за да продожи грижата за сите“, повика Спасовски во Липково.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Можни излевања на реките, критична состојба во Полошко, Кичевско и Пелагонија
Управата за хидрометеоролошки работи напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови од државата, по обилните врнежи во изминатите 24 часа кои предизвикаа нагло полнење на речните корита. Според најавите, состојбата може дополнително да се влоши во текот на денот.
Од Секторот за хидрологија информираат дека во Полошкиот регион, особено во горниот дел од сливот на реката Вардар, е регистриран висок водостој. Постои опасност од заезерување во одделни делови на Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Зголемен водостој е забележан и на реката Треска, со потенцијално критични точки во селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска, што дополнително ја зголемува опасноста од локални излевања.
Во Пелагонискиот регион и Демир Хисар, реката Црна бележи континуиран пораст, а можни се излевања во делови од Демир Хисар, Кичевско и поширокиот пелагониски крај. Зголемен водостој има и во Охридско-Струшкиот регион, каде реките Сатеска и Коселска се со покачено ниво, со ризик од локални излевања на помалите водотеци.
Од Управата апелираат граѓаните да бидат крајно претпазливи и да избегнуваат движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата. Се препорачува внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.
Надлежните институции ја следат состојбата на терен, а од УХМР најавуваат редовно информирање доколку дојде до дополнително влошување на хидролошката состојба.
Македонија
Одронот кај село Колари е отстранет
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози.
АМСМ соопшти дека сообраќајот на патниот правец Кичево – Гостивар целосно е нормализиран претпладне во 10:30 часот, откако екипи на ЈП „Македонијапат“ го отстраниле одронот кај село Колари што го блокираше патот од 5.40 часот изутрината.
На патниот правец село Лисец – Попова Шапка, каде во 05:45 часот изутрината поради врнежи од снег беше воведена забрана за тешки товарни возила и автобуси, се работи на проширување на коловозот за нормално одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Од вторник заладување со пообилни врнежи од дожд и снег
Управата за хидрометеоролоши работи (УХМР) најави дека утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег.
На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има пообилни врнежи од дожд и снег.
Како што најави претходно УХМР, на планините во северните делови денеска врнежите од дожд ќе преминуваат во снег, а попладне ќе дува ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17 степени. Утре минимална температура од -1 до 4 степени, а максимална од 4 до 13. Најниска утринска температура се прогнозира за во четврток, од -1 до -8 степени.

