Европа
Во Австрија повратниците од Балканот ќе бидат особено контролирани

Австриската влада донесе одлука да го прошири списокот на држави за кои важи предупредувањето за патување во Романија, Бугарија и Молдавија и најави строги контроли на своите источни граници.
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, по владината седница, рече дека состојбата во врска со коронавирусот на Балканот и Балтикот се влошила и дека има сè повеќе случаи на инфекција во Австрија увезени од исток.
„Се соочуваме со сè поголем увоз на зараза од странство. Затоа нашиот итен апел е да не се патува во тие земји“, објасни тој.
Курц потсети дека за тие земји важи мерката за двонеделен карантин.
„Прекршувањето на карантинот е сериозно кривично дело и кој и да го стори тоа, мора да смета на глоба до 1.450 евра. Кој е позитивен на тестот и ја нарушува карантинската одлука, сторил кривично дело и мора да смета на јасно построга казна“, истакна Курц.
Тој најави дека ќе се спроведуваат построги контроли на карантин, но и на границите кон исток.
„Повратниците од Балканот ќе бидат особено контролирани“, додаде Курц најавувајќи дека бројот на полицајци на границата ќе биде удвоен на 1.800.
Претходно овој месец австриската влада одлучи да ги стави државите од Западен Балкан на списокот на земји за кои важи предупредувањето за патување, врз основа на кое сите оние што се враќаат во Австрија, а престојувале во земјите од поранешна Југославија, мора да одат на двонеделен карантин или да имаат негативен PCR-тест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Макрон: Нема разговори за прекин на воената помош за Украина за време на прекинот на огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон јасно стави до знаење дека Франција нема да се согласи да ја суспендира воената помош за Украина, дури ни за време на евентуално 30-дневно примирје.
„Нема предуслови. Испораките на оружје за одбрана и отпор на Украина нема да престанат“, рече Макрон, обраќајќи се до претседателот Володимир Зеленски.
Тој додаде дека доколку Русија не се придржува до предложеното примирје, таа мора да ги сноси последиците. „Во тој случај, ќе следат нови, посилни санкции и дополнителна поддршка за Украина. Треба да подготвиме нов пакет санкции – тоа не смее да биде рутинска мерка, туку нешто многу порешително“, нагласи тој.
Макрон претходно беше прашан што ќе сторат Украина и нејзините сојузници доколку Русија побара прекин на воената помош како услов за прекин на огнот. Кремљ повеќе пати ја отфрли идејата за едномесечно примирје, тврдејќи дека Западот ќе го искористи за дополнително вооружување на Украина.
Европа
Кремљ: Изјавите на европските земји се контрадикторни и конфронтирачки

Кремљ ги обвини европските земји за давање контрадикторни и конфронтирачки изјави, објави новинската агенција Интерфакс, откако европските лидери го поддржаа американскиот план за 30-дневен прекин на огнот во Украина и ѝ се заканија на Русија со „масовни“ санкции доколку не го почитува договорот.
„Слушаме многу контрадикторни изјави од Европа. Тие генерално се од конфронтациска природа и не се насочени кон обид за обновување на нашите односи. Ништо повеќе од тоа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според Интерфакс.
Европа
Зеленски: Имаме добар договор со Америка, помошта не запира

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев и САД постигнале „многу добар договор“ за продолжување на воената соработка. „Можеме да сметаме на американска поддршка, не само од владата, туку и од приватниот сектор“, рече тој.
Тој особено ја истакна улогата на поранешниот претседател Доналд Трамп.
„Трамп не ја запре испораката на воена помош или размената на разузнавачки информации, што е клучно за одбраната на нашето небо. Тој не ги укина санкциите против Русија. Веруваме дека тој ќе продолжи да ја поддржува Украина.“