Македонија
Спасов: Услугите во домаќинствата не се опфатени со предлог Законот за забрана на нерегистрирана дејност

Услугите во домаќинството, на пример кога некој ќе повика во сопствениот дом мајстор или хигиеничар, не се опфатени со предлог Законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност. Целта е да се спречи вршењето на нерегистрирани дејности од поголем обем, поголеми бизниси кои не се регистрирани и се дел од сивата економија, појасни министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
На првата јавна расправа во однос на Предлог законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност што се одржа во петок (07.11) министерот Спасов истакна дека нацрт текстот е подготвен после опсежни анализи, црпење на искуства од слични решенија во соседството, но и консултации со партнери од Економско-социјалниот совет.
„Нерегистрираната дејност беше парцијално регулирана во дел од посебните закони, додека пак во одредени закони и воопшто не беше регулирана и опфатена. Во законите каде што е регулирана, има минимална казна за вршење на нерегистрирана дејност или воопшто ја нема. Практично поради тие причини постоеше огромен простор и стимул за сивата и неформална економија. Односно, оние кои не беа регистрирани не плаќаат даноци, не ги регистрираат своите бизниси, не ги пријавуваат своите вработени, не ги исполнуваат стандардите за работа, бидејќи практично немаше забрана, ниту казна, ниту постапка која е дефинирана во законите”, рече Спасов.
Тој истакна дека со овој закон се опфатени нерегистрирани дејности од поголем обем, додека домаќинските услуги се исклучени.
„Целта на законот е да се спречи вршењето на нерегистрирани дејности од поголем обем, поголеми бизниси кои не се регистрирани и се дел од сивата економија и не исполнуваат никави стандарди, како на пример: физичките лица кои градат згради, маркетинг во кои работат повеќе работници на сопственикот нема никаква фирма и функционира како физичко лице, нерегистрирани угостителски објекти ресторани, кафулуња, сендвичари кои продаваат храна на голем број на граѓани, увезувачи и продавачи на возила и така натаму. Нашата цел со овој закон не е да ги опфатиме и казниме работите и услугите кои се вршат во домаќинствата односно некој во сопствениот дом кога ќе повика мајстор или хигиеничар и токму заради тоа овие услуги, односно сите услуги во домаќинствата нема да се опфатат со овој предлог закон и истите се исклучени”, појасни министерот за труд и социјална политика.
Предлог-законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност ќе го санкционира:
– вршењето на дејност од страна на правно лице која не е запишана во посебните регистри утврдени со закон, покрај трговскиот регистар;
– вршење на дејност од страна на правно лице без да поседува законски пропишан акт/и за исполнување на условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон;
– вршење на дејност од страна на физичко лице која не е регистрирана кај надлежен орган;
– вршење на дејност од страна на физичко лице без да поседува законски пропишан акт/и со кој ги исполнува условите за вршење на регистрирана дејност издаден/и од надлежен орган согласно закон и
– кога правното или физичкото лице врши дејност спротивно на забраната на вршење дејност изречена од надлежен орган”.
Во однос на казнената политика, според Спасов, предвидени глоби во законот се:
-Глоба во износ од 10.000 до 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач-правно лице
-Глоба во износ од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице
-Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на работодавач-правно лице како соучесник.
Во предлог законот многу јасно се наведени исклучоците или дејностите кои нема да бидат опфатени како:
-работа за сопствени потреби, семејна помош, соседска помош, продажба на лични користени предмети, работа која се врши без финансиски надоместок или друга материјална корист и ако работата не се извршува редовно.
-дејноста која ја вршат физички лица преку продажни места на организирани зелени пазари,
-извршувањето на нужна работа за спречување на несреќи или отстранување на последици од природни и други несреќи
– услуга извршена за потребите во домаќинството
-повременото вршење на активност за која со закон е исклучена обврската за регистрација на дејноста кај надлежен орган (панаѓури, саеми).крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.
Економија
Првите четири банки од земјава впишани во регистарот на Европскиот совет за плаќања – започнува членувањето во СЕПА

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги впиша првите четири банки од нашата земја – станува збор за три големи и една средна банка – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор е резултат на успешно поднесени барања од страна на овие банки, а со тоа официјално започнува и членувањето на нашата земја во СЕПА.
Овие банки ќе започнат со вршење на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година.
Се очекува и останатите осум деловни банки, кои најавија дека ќе поднесат барања во периодот од јуни до август оваа година, ќе бидат впишани во регистарот на ЕПС и ќе започнат со вршење на плаќањата во рамките на СЕПА до 6 октомври.
Да потсетиме, на 6 март 2025 година ЕПС го прифати барањето за членство коешто го достави Народната банка за нашата земја, со што станавме членка на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Со ова се овозможи приклучување на домашните банки во европските платежни шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 41 земја членка.
Интеграцијата на банките од земјава во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и за компаниите – пред сѐ побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка, како институција којшто ги координираше активностите за членство во СЕПА, останува целосно посветена на процесот на интеграција на банките и ќе продолжи редовно и навремено да ја информира јавноста за постигнатиот напредок.
Економија
Владата: Исплатени се субвенции на 70.000 земјоделци во вредност од повеќе од 9 милијарди денари

Исплатени над девет милијарди денари субвенции на над 70.000 земјоделци.
Владата соопшти дека се врши редовна исплата на субвенциите и со тоа им се дава директна поддршка на земјоделците да продолжат со своето производство.
„За една година, Владата и МЗШВ успеа да ги исплатат заостанатите субвенции на земјоделците за сите категории од 2021, 2022, 2023 година, а се исплаќаат и тековните субвенции. Покрај ова, како Влада успеавме да ги подобриме земјоделските политики и наместо земјоделските производи да се фрлаат, истите сега се откупуваат по пристојни цени од страна на откупувачите. Промените се очигледни. Тие се случуваат. Времето на промените е тука, работиме и ја вреднуваме маката на земјоделците“, велат од владината прес-служба.
Се додава дека оваа Влада е земјоделска и земјоделците после седум години конечно имаат партнер.