Свет
Русија одобри нов лек против коронавирусот

Русија одобри нов антивирусен лек, „коронавир“, за лекување пациенти со Ковид-19, соопшти во средата руската фармацевтска компанија „Р-фарм“ во моменти кога бројот на заразени во земјата надмина 700.000.
Во соопштението на „Р-фарм“, која го развила „коронавир“, се вели дека клиничкото испитување, што вклучувало благи до умерени случаи, покажало дека лекот бил многу ефикасен во попречување на репликацијата на новиот коронавирус.
„’Коронавир’ е еден од првите лекови во Русија и во светот, кој не се бори против компликациите предизвикани од вирусот SARS-CoV-2, туку против самиот вирус“, наведува „Р-фарм“.
Клиничката студија покажала подобрување кај 55 % од пациентите што не биле примени во болница на седмиот ден од третманот со ‘коронавир’ во споредба со 20 % кај оние што примале стандардна терапија.
До петтиот ден од третманот новиот коронавирус бил елиминиран кај 77,5 проценти од пациентите што зеле ‘коронавир’, тврди „Р-фарм“.
Тестирањето почна кон крајот на мај и повеќе од 110 пациенти беа третирани со лекот, соопшти Татјана Ријаженцова, директор за клинички испитувања во Централниот истражувачки институт за епидемиологија на Русија.
Ова е трет лек регистриран во Русија што го лекува новиот коронавирус. Првиот, „авифавир“, им се дава на пациентите од 11 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Макрон се заканува со масовни санкции

Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека Русија ќе се соочи со „масивни“ санкции заеднички координирани од Европа и САД доколку го прекрши 30-дневното примирје предложено од западните сојузници на Киев.
„Во случај на прекршување на ова примирје, беше договорено дека ќе бидат подготвени и координирани масивни санкции меѓу Европејците и Американците“, рече Макрон на прес-конференција во Киев.
Европа
Зеленски: 30-дневниот прекин на огнот мора да започне в понеделник, Песков постави услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција изјави дека тој и лидерите на европските земји се согласиле дека „безусловното примирје мора да започне в понеделник, 12 мај“.
Тој додаде дека прекинот на огнот треба да го опфати воздушниот, морскиот и копнениот простор и рече дека доколку Москва одбие, ќе следат нови санкции, вклучително и зголемени казнени мерки насочени кон нејзините енергетски и банкарски сектори, пренесува Ројтерс.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека Русија ја поддржува имплементацијата на 30-дневниот прекин на огнот, но со почитување на одредени „нијанси“. Во изјава за Еј-би-си емитувана во саботата, Песков нагласи дека западната воена помош за Украина ќе мора да престане за да биде можно привремено прекин на огнот.
„Инаку, тоа би било предност за Украина“, рече тој.
Европа
Кремљ: Заканата од нови санкции е „губење време“

Кремљ соопшти дека не е загрижен од најавата за нови санкции против Русија, што ја изнесе британскиот премиер Сер Кир Стармер.
„Веќе сме навикнати на санкции, веќе можеме да предвидиме што ќе правиме откако ќе бидат воведени, како ќе ги ублажиме нивните последици“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според руските државни медиуми.
Песков додаде дека заканата од нови ограничувања е „губење време“ бидејќи тие не можат да ја заплашат Русија. Даунинг стрит во петокот објави дека го подготвува „најголемиот пакет санкции досега“ против руската „флота во сенка“, која транспортира нафта од Кремљ низ целиот свет.