Топ
Комбе со 50 мигранти се превртело на патот Валандово – Струмица, возачот побегнал

Во вечерните часови на 8 јули на регионалниот пат Валандово – Струмица, пред крстосницата за село Раборци, се превртело комбе „мерцедес спринтер“, со битолски регистарски ознаки, во кое биле превезувани 50 мигранти од Индија, Авганистан и од Пакистан.
По незгодата, возачот побегнал од местото.
Како што информираат од МВР, тешки повреди добиле четворица мигранти, а 10 добиле полесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Струмица, каде што биле пренесени за укажување лекарска помош.
Другите мигранти биле пренесени во Прифатниот центар Гевгелија.
Увид на местото на незгодата извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Струмица и се работи на расчистување на случајот.
*Фотографијата е илустрација, а не од конкретниот настан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Македонија 18 пожари на отворено

Во текот на изминатото деноноќие, на ден 20/21.08 на територијата на Македонија имаше вкупно 18 пожари на отворен простор, од кои активни се три пожари, а под контрола и изгаснати се 15 пожари, информира Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во Јасен (мешана шума), во Општина Маврово и Ростуше восело Церово и во Општина Прилеп во село Беловодица.
Под контрола и изгаснати се 15 пожари, и тоа:
1. Општина Гази Баба: ул. Перо Наков б.б (ѓубриште);
2. Општина Петровец: с. Средно Коњаре (ѓубриште);
3. Општина Петровец: с. Средно Коњаре (ниска вегетација и ѓубре);
4. Општина Струга: с. Драслајца (ѓубриште);
5. Општина Тетово: с. Сараќино (ниска вегетација);
6. Општина Желино: с. Стрмница (ниска вегетација);
7. Општина Чишиново-Облешево: с. Облешево (ниска вегетација);
8. Општина Неготино: с. Криволак, во близина на мостот пред касарна (ниска вегетација и напуштена нива со овоштарник);
9. Општина Тетово: на патот Тетово – с. Брвеница (ниска вегетација);
10. Општина Гостивар: с. Чегране (ниска вегетација);
11. Општина Гостивар: с. Дебреше (ниска вегетација);
12. Општина Крушево: с. Светомитрани (ниска вегетација);
13. Општина Радовиш: с. Раклиш (ниска вегетација);
14. Општина Студеничани: с. Драчевица (сува трева и грмушки);
15. Општина Долнени: с. Лажани (ниска вегетација);
Свет
Венс: Европа мора да го понесе лавовскиот дел од товарот за безбедноста во Украина

Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, изјави дека европските земји ќе мора да го понесат лавовскиот дел од товарот кога станува збор за украинските безбедносни гаранции.
„Не мислам дека ние треба да го носиме тој товар. Мислам дека треба да бидеме од помош во запирањето на војната и убиствата. Но, треба да очекуваме, а претседателот сигурно очекува, дека Европа ќе игра водечка улога“, рече Венс во емисијата „The Ingraham Angle“ на Фокс њуз.
„Без оглед на тоа каква форма ќе има, Европејците ќе мора да го понесат лавовскиот дел од товарот“, додаде потпретседателот на САД.
„Воените претставници на НАТО имаа одлична, отворена дискусија на видеоконференција за резултатите од неодамнешните состаноци за војната во Украина“, изјави претходно вчера висок функционер на НАТО, а западни извори објавија дека помала група во Вашингтон продолжува со дискусиите за безбедносните гаранции за Украина.
„Во врска со Украина, ја потврдивме нашата поддршка. Приоритет останува праведен, одржлив и траен мир“, напиша адмиралот Џузепе Каво Драгоне, шеф на воениот комитет на НАТО, на X.
По завршувањето на поширокиот состанок, помала група воени команданти продолжува со дискусиите во Вашингтон за безбедносните гаранции за Украина, соопшти западниот извор.
Тој додаде дека генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на американските вооружени сили, ги води разговорите, во кои учествуваат воени лидери од шест членки на НАТО.
Изворот рече дека сè уште нема резултати бидејќи безбедносните гаранции не биле детално дискутирани на претходната видеоконференција.
Изворот вели дека ќе има повеќе состаноци со поширок состав, откако помалата група ќе ги разработи опциите. Нема рок за завршување на разговорите и конечната одлука ќе ја донесат политичките лидери, рече изворот.
Свет
ОН: Бројот на неухранети деца во Газа се зголемил тројно од март

Само во градот Газа, речиси една третина од децата се неухранети, напиша Филип Лазарини, раководител на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA), на X.
„Ова не е природна катастрофа. Ова е глад што може да се спречи предизвикан од човечка активност“, рече Лазарини.
Бројките на UNRWA се базираат на податоци за приближно 100.000 деца под петгодишна возраст. На UNRWA и на другите агенции за помош не им е дозволено да доставуваат помош во Газа речиси шест месеци. Агенцијата соопшти дека нејзините магацини во Египет и Јордан содржат доволно храна за 6.000 камиони, со залихи доволни за три месеци.
Меѓународниот притисок врз Израел се интензивираше поради катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа. Израел ја блокираше испораката на хуманитарна помош и го обвини Хамас за пренасочување на залихите.
Претходно ги обвини членовите на UNRWA за учество во терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Контроверзниот Хуманитарен Фонд за Газа (GHF), кој е поддржан од Израел и САД, започна со дистрибуција на хуманитарна помош наместо UNRWA кон крајот на мај. Имаше многу палестински жртви во дистрибуцијата на помошта.