Македонија
Заев: Во Тетово ќе имаме двојна победа
СДСМ, Беса и коалицијата „Можеме“ се најсигурната опција за да продолжиме по исправниот пат, во Тетово ќе имаме двојна победа. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Овие избори се многу важни за сите нас и за иднината. Затоа заедно со коалицискиот партнер Касами најдовме сили да направиме предизборна коалиција, која е победничка коалиција, најголема, најразнолика и најмоќна досега“, рече Заев, кој денеска заедно со претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, реализираа повеќе средби со граѓани во населените места Боговиње, Милетино, Челопек, Брвеница и Желино.
„Во изборната единица број 6 ќе имаме двојна победа. Ќе ги победиме и ДУИ и Алијанса за Албанците, ќе ги победиме и ВМРО-ДПМНЕ за двапати повеќе. Ги гледате, дојдоа изборите и повторно ДУИ и ВМРО ДПМНЕ со национализам. Зошто ДУИ 11 години не го носеше Законот за јазици, се плашеа за рејтингот и кариерата? Но, дојдовме ние и го решивме прашањето. Се лажеа насекаде граѓаните дека сите ќе изгубиме, но дали е така? Не. Добивме сите, секој има право да комуницира на својот мајчин јазик. Имавме храброст за сите одлуки што ги носевме. Ги исполнивме стратешките цели на државата, члена сме на НАТО, ги отвораме преговорите за ЕУ. Сега другите партии не може да ветуваат НАТО и ЕУ, тоа е завршена работа од нас. И зошто 11 години во време на режимот ова не се случуваше? Затоа што сите се грижеа за себе и нивната партија, наместо за народот и државата. Не само што ги решивме стратешките заложби, туку го воведеме и граѓанскиот концепт ‘едно општество за сите’, концепт кој ги победува стереотипите и времето на поделби заминува во историјата“, истакна Заев и им порача на граѓаните на 15 јули да дадат масовна поддршка за коалицијата „Можеме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

