Македонија
Спасовски на патот Раштак – Бутел: Досега инвестиравме речиси една милијарда во патната инфраструктура
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, денеска оствари работна посета на општините Бутел и Гази Баба и направи увид во работите за изградба и проширување на патниот правец Раштак – Бутел.
Во изјавата за медиумите Спасовски истакна дека ни ова лето не запираат интензивните градежни активности, дури и во вонредни околности во услови на пандемија не запираат работите на почнатите проекти и се почнува со нови.
„Се гради во целата држава, во сите региони. Капиталните проекти продолжуваат со забрзана динамика. Градиме инфраструктура за сите во околности во кои максимално водиме грижа за работниците на терен почитувајќи ги мерките за заштита. Тоа е нашата нова реалност и на овој начин ѝ помагаме на економијата во многу важен период. Досега инвестиравме речиси една милијарда евра во изградба и реконструкција на патната инфраструктура, а во план е да инвестираме дополнителни 2 милијарди во следните неколку години. Инвестициите во инфраструктурата се важни не само за брз и безбеден сообраќај, важни се затоа што отвораат нови работни места, влијаат на движењето на економијата и го подобруваат животот на сите граѓани“, ја истакна премиерот Спасовски посветеноста на Владата во изградба на инфраструктура за сите.
Тој образложи дека овој пат, кој ги поврзува општините Гази Баба и Бутел преку Раштак, беше целосно оштетена и небезбедна сообраќајница.
„Граѓаните во овој регион најдобро знаат колку години се мачеа да патуваат по еден таков небезбеден пат.
Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој даде поддршка за изградба и проширување на патниот правец Раштак – Бутел во должина од 5 километри во висина од 16,7 милиони денари. Патот ќе биде проширен со поставена нова асфалтна подлога, а ќе биде изграден и потпорен ѕид“, образложи премиерот Спасовски.
Тој објасни дека Владата на Северна Македонија на Општина Гази Баба ѝ додели 40 милиони денари за изградба на уште два локални пата, со кои Општината аплицира.

„За изградба на локален пат од Страчинци кон Виниче во должина од 2 километра и за изградба на локален пат од основното училиште во Булачани кон викенд-населбата во должина од 1.100 метри. Овие три проекти ја потврдуваат грижата на Владата за секој човек, за секое населено место. Не правиме никакви разлики и вложуваме еднакво за сите граѓани. Ги развиваме руралните места и вложуваме во изградба на неопходната инфраструктура обезбедувајќи достојни услови за живеење. Покрај овие патни правци, извршивме целосна реконструкција на локалниот пат Јурумлери – Долно Лисиче – Драчево, каде што од локален пат полн дупки, при што и при најмал дожд возилата не можеа да се движат по него, сега е целосно реконструиран со нова асфалтна подлога и целосно безбеден за учесниците во сообраќајот“, акцентира премиерот Спасовски.
Тој на крајот истакна дека денес, инвестициите во инфраструктурата, во патиштата, се инвестиции во подобрата поврзаност, инвестиции во развојот и за нова развојна македонска економија.
„Градиме за да ни се развиваат сите населени места еднакво и за подобра поврзаност со другите, со што се обезбедуваат услови за силен локален економски развој“, потенцира на крајот од своето обраќање премиерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

